Трамп најави и царини за увоз од Европската Унија за стоки како и за челикот, алуминиумот и бакарот, лековите и полупроводниците. Со одлука на американскиот претседател Доналд Трамп од денеска стапуваат на сила високи царини за увоз на стоки од Канада, Мексико и Кина во САД. Како што е најавено, за увоз на стоки од Мексико и Канада ќе се плаќа царина од 25 отсто и 10 отсто за увоз од Кина. Трамп, сепак, информира за одредено намалување на увозот на нафта од Канада, велејќи дека таа стапка ќе биде 10 отсто, но и најави дека на средината на февруари ќе се објават нови царини за нафтата и природниот гас. Трамп веќе подолго време се заканува со воведувањето царини, велејќи дека ќе останат во сила додека земјите не направат повеќе за да го запрат протокот на мигранти преку границата со САД.
Како што пренесува Ројтерс, говорејќи пред новинарите во Овалната соба додека потпишувал извршни наредби, Трамп рече дека разбира дека тоа може да резултира со повисоки трошоци за потрошувачите, а повеќето економисти проценуваат дека таквите огромни даноци за увоз и веројатната одмазда би ја нарушиле економската активност ширум светот. Запрашан дали има можност во оваа фаза трите најголеми американски трговски партнери да добијат одложување, Трамп рече дека во моментов нема таква можност. Тој ја отфрли и идејата дека неговите закани за давачки се алатка за преговарање. Трамп најави и царини за увоз од Европската Унија за стоки како и за челикот, алуминиумот и бакарот, лековите и полупроводниците. „Ќе воведеме царини за челик и алуминиум и на крајот на бакар. За бакарот ќе биде потребно малку подолго време“, рече тој. Извор: Новинска агенција МЕТА