Од Министерството за внатрешни работи нема реакција за наводите што во јавноста ги сподели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за постоење на наводна вооружена група блиска до ДУИ која била видена во околината на Скопје. МВР мочи на настојувањето на медиумите за тоа какви сознанија евентуално тие имаат за оваа група и какви активности преземаат. Вчера, Мицкоски кажа дека ваква вооружена група постоела во Чаир и Бутел, за неа знаел и Али Ахмети, а набргу ќе дознаела и јавноста.
„Точно знае Али Ахмети што зборувам и точно знае, тој негов соработник којшто уживаше вонредни привилегии во луксузен хотел во претседателски апартман во Истанбул, за што зборувам, бидејќи тој ја координира таа група којашто се движи на територијата на Општина Бутел и Чаир. Ги знаеме лицата и точно знаеме што прават и набргу ќе дознае и јавноста“, рече Мицкоски.
Од ДУИ ова го искоментираа како обид на Мицкоски да дојде до ситни политички поени, а министерката за одбрана, Славјанка Петровска вчера, во телевизиско интервју, истакна дека техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вакви информации за вооружена група по службена линија не и споделил, туку побрзал да ги сподели на партискиот лидер, ако, како што додаде, воопшто информациите се вистинити.