Само триесетина македонски пензионери влегуваат во категоријата корисници на земјоделско право. Податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ја откриваат поразителната вистина за луѓето што од нивата го вадат лебот. Во април годинава имало само 33 корисници, а нивната просечна пензија била 15.897 денари. Просечната старост на оние што ги обработуваат македонските ниви веќе достигна 60 години, но има и такви кои се над 85-годишна возраст. Тие главно произведуваат за себе, оти веќе им е тешко да излегуваат на пазарите, а и не остваруваат сериозен вишок на зеленчук или овошје.
Ристо Велков од Сојуз на синдикати на земјоделски производители редовно констатира дека младите ги напуштиле нивите, главно поради несигурниот пласман и нерентабилното производство низ годините наназад.
– Сведоци сме дека речиси секоја година има незадоволство од откупот и пласманот на зеленчукот овде во Струмичко, кое се преточува во протести и блокади. Боли кога си вложил пари и труд во одредено производство, а ќе ти остане по нивите, или ќе треба да го продадеш за џабе. На прсти може да се избројат млади до 40 години по струмичките ниви – посочи неодамна Велков.
Поранешната Влада во 2015 година ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои им излезе во пресрет на барањата на земјоделците, а со нив се создадоа законски можности неколку стотици индивидуални земјоделци да се стекнат со старосна пензија. Ова законско решение почна да се применува од 1 јануари 2016 година и требаше да опфати 400 земјоделци.
Со овие измени се предлагаше воведување законска можност на земјоделците да им се смета во нивниот стаж и времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше во периодот од 1978 до 1988 година. Со тоа би се создале можности за исполнување на минималните услови за остварување право на старосна пензија (15 години пензиски стаж). За оваа мерка, тогашната влада одвои околу 34 милиони денари на годишно ниво за исплата на пензии.Инаку, земјоделци што имаат статус на осигуреник според Законот за пензиско и инвалидско осигурување плаќаат придонеси од социјално, здравствено и инвалидско осигурување, а основицата е пресметана на 20 отсто од просечно исплатена месечна плата по работник. Т
ие имаат права на здравствени услуги, но немаат право на надоместок поради боледување, а земјоделките на платено породилно отсуство. Со Програмата за поддршка за социјална сигурност за жените што вршат земјоделска дејност за 2023 година за првпат е предвидена еднократна финансиска поддршка од 81.000 денари. Оваа помош беше наменета за жените што имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство и беше резултат на нашиот 15-годишниот напор за решавање на проблемот на Националната федерација на фармери (НФФ).Според статистичките податоци од Пописот од 2021 година, во земјава како земјоделско земјиште се водат околу 1.260.000 хектари. Како обработлива површина се водат околу 517 илјади хектари. Ако се спореди оваа бројка со онаа од пред 30 години – 660 илјади хектари, излегува дека обработливите површини во Македонија се намалени за околу 22 отсто.