Кога стоиме на пристаништето во Охрид и гледаме на југот кон врвот на Галичица, малкумина ќе знаат дека околу една третина од таа планина над селата Трпејца и Љубаништа, заедно со највисоката точка, врвот Магаро, е во сопственост на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, пренесе Бирн. Тоа не е единствената планина што ја има МПЦ-ОА. Голем дел од падините на Јабланица, западно од патот од Струга кон Дебар, кон границата со Албанија, исто така ѝ припаѓаат на најголемата верска заедница во Македонија. Од шуми, ливади и пасишта, до ниви и други земјоделски имоти, речни корита и камењари, сѐ до станови и дуќани на атрактивни локации во урбаните центри. Сето тоа е запишано во катастарот како имот со кој располага црквата, најчесто како сопственик или со стекнато право на сопственост, а многу мал дел со право на користење.
Црквата поголема од три општини заедно Базата „Верски имоти под лупа“, што ја изработи БИРН врз основа на податоците достапни на интернет-страницата на Агенцијата за катастар, покажуваат дека има вкупно 14.757 поединечни парчиња имот кај кои фигурира името на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Од нив, 789 се во мешана сопственост, односно, освен црквата, како сосопственици се јавуваат граѓани, компании или државата. Некаде уделот на МПЦ во тие имоти е минорен, а на други места е доминантен. Тоа значи дека има 13.968 посебни парчиња имот каде што таа се јавува како единствена институција што има права врз нив. Сите тие не се посебни имоти на различни локации. Има случаи каде што една парцела е поделена на две или повеќе парчиња што имаат посебни катастарски броеви и се внесени како посебни имоти, а на сателитските мапи се гледа дека тоа е еден компактен имот (на пример нива, лозје или овоштарник).
На местата каде што се изградени објекти, пак, како посебни имоти се впишува секој кат, секоја помошна просторија, скали, балкони и други елементи, како и земјиштето под зградата и околниот простор. Тоа значи дека за една куќа може да има и пет-шест посебни точки впишани во катастарот, но тоа сѐ уште е еден имот. Вкупно, црквата располага со имот на околу девет илјади локации во градовите, селата, полињата и планините низ Македонија. Кај дел од нив како носител на правото врз имотот е впишана МПЦ-ОА, кај други тоа е една од епархиите, а кај трети стои некоја поединечна локална црква или манастир. Колкава е површината на тој имот? Сѐ на сѐ, црквата има целосни или делумни права врз површина од речиси 143 милиони квадратни метри, или 143 квадратни километри. Тоа е два и пол пати повеќе територија од државата Сан Марино.
Од нив, околу 95 милиони се имот во кој фигурира исклучиво МПЦ-ОА како сопственик или корисник, а околу 48 милиони се во заедничка сопственост. Вкупниот удел на црквата во заедничките имоти е околу 12 отсто, што значи дека кога тие идеално би се поделиле според математичка формула, таа би си додала уште околу шест милиони квадрати во свој посед. Ако се собере вкупниот имот на МПЦ-ОА на едно место, би се создала територија малку поголема од скопските општини Карпош, Аеродром и Кисела Вода заедно. …