Рудните Планини на северозапад од Чешка со децении се синоним за експлоатација на јаглен, сребро и волфрам. Денес, во ерата на електрични автомобили и зелената транзиција, истата таа област прераснува во потенцијален центар за производство на литиум во Европа. На локацијата Чиновец, веднаш на границата со Германија, експлоатацијата на минерали траела до 1991 година, кога наоѓалиштето било затворено поради намалена профитабилност. Сега, за рударството повторно се зборува како за шанса за економска и еколошка трансформација на регионот. Токму таму, во градот Чиновец, се планира голем рударски проект. Експертите веруваат дека помеѓу три и педесет проценти од светските резерви на литиум – метал кој е клучен за производство на батерии за електрични автомобили – лежат под земја- пишува Политика.
Проектот го спроведува „ГЕОМЕТ“, компанија во заедничка сопственост на австралиската компанија ЕМХ и чешката државна енергетска компанија ЧЕЗ. Планот е до 2027 година да се отвори рудник длабок 450 метри. Литиумот би се вадел од руда наречена зинвалдит, во количини доволни за половина милион батерии годишно во следните 26 години. Покрај рудникот, планирана е и изградба на фабрика за преработка на литиум, што дополнително би ја зајакнало локалната индустриска база. И покрај амбициозните планови, имплементацијата напредува побавно од очекуваното. Студиите за изводливост и проценките на влијанието врз животната средина сè уште не се завршени, додека локалното население, иако е гордо на својата рударска традиција, изразува загриженост за потенцијалното влијание на рударските активности врз природата.
Зузана Вондрова од Чешкиот центар за транспорт и енергетика за „Зелен европски журнал“ вели дека затворањето на старите рудници и отворањето нови треба да биде можност, а не закана. Според неа, Чешка не треба да остане само земја што извезува суровини – таа треба да развива и сопствена индустрија и преработка за да ја зајакне локалната економија. Литиумот со години е опишан во чешките енергетски планови како најголема можност за развој на деиндустријализираните региони зависни од јаглен. Рудниците за лигнит во Рудните Планини ќе бидат затворени уште ова лето, додека експлоатацијата во другите делови од земјата ќе заврши најдоцна до 2033 година. Оваа промена доаѓа во време кога ЕУ сака да обезбеди сопствен извор на критични суровини, да ја намали зависноста од увоз од трети земји и да ја забрза зелената транзиција.