Кучињата, најверните пријатели на човекот – особено оние бездомните – не се виновни
што живеат на улица. Вината е наша – човечка. Одговорноста лежи во непреченото
размножување, напуштањето и недоволната едукација. Но, токму едукацијата е клучот за
промена, а на 8 мај 2025 година видовме одличен пример за тоа. Викимедија МКД организираше специјален уредувачки маратон наменет за учениците од Вики клубот при СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Скопје, под менторство на професорката Ирена Трајковска Стерјовска. Во него учествуваа 10 ученици, инспирирани од темата за односот кон кучињата и важноста од активно граѓанско учество преку пишување, информирање и делување.
Како дел од активностите, учениците го посетија ЈП „Лајка“ – стационарот за бездомни
кучиња во Скопје. Ни беше голема чест да бидеме нивни домаќини. Преку едукативна
презентација и разговор со нашиот тим, учениците се запознаа со нашата работа, мисија,
секојдневните предизвици и начини како секој поединец може да придонесе кон хуман
третман и одржливо решение за проблемот со бездомните животни. Посетата беше длабоко едукативна, но и емотивна – учениците одблизу се сретнаа со кучињата под наша грижа. По посетата, следеше уредувачкиот маратон каде беа напишани вкупно 11 статии на теми поврзани со познати кучиња и нивното место во културата и историјата, со што младите директно придонесоа кон збогатување на Википедија на македонски јазик.
Настанот покажа колку е важна соработката помеѓу образовните установи, јавните
институции и невладиниот сектор. Заедно, можеме да создаваме генерации кои се
свесни, хумани и одговорни. Со нетрпение очекуваме нови средби со Вики клубот и слични иницијативи. ЈП Лајка ги охрабрува сите општествени чинители – институции, училишта, граѓани – да не посетат, да се информираат и да придонесат кон похуман, поодговорен и поубав град за сите.
#ЈПЛајка #ХуманoСкопје #ЕдукацијаЗаСите #ГрижаЗаЖивотните