Општина Карпош продолжува да поставува средство за заштита од змии на одредени локации на нејзина територија. Денеска службите ја спроведуваат акцијата за поставување „репелент“, односно средство за превенција и заштита од змии. Службите поставуваа по должината на улица Ловќенска во населбата Козле и на теренот меѓу мештаните познат како „шпанско село“. По пријава на граѓаните од населбата Влае 2 службите поставија „репелент“, а ова превентивно средство беше поставено и кај паркот позади Веро во Тафталиџе – соопштија од Карпош.
Пред десетина дена вакво средство се поставуваше околу основните училишта и детските градинки, како и во непосредна близина на плоштадите, парковите и пофреквените места на територија на Карпош. Од Општината тврдат дека станува збор за природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината, којшто придонесува за намалување на појавата на влекачи.