Од 1 јануари следната година ќе биде ставен во функција системот „Сејф сити“, а како што најави министерот Тошковски, на оние учесници во сообраќајот кои безобѕирно ќе управуваат со моторно возило, ќе им биде одземено возилото кое потоа ќе биде ставено во функција на државните служби. Во гостување на МРТВ, Тошковски посочи дека казните за сообраќајните прекршоци ќе се добиваат на мобилен телефон и појасни дека доколку се работи за мал прекршок ќе треба да се плати само паричен надоместок, доколку е поголем прекршок, тогаш ќе треба да се оди на суд каде би била изречена и забрана за управување.
– На мобилен телефон ќе ви стигне порака дека сте направиле прекршок на тој и тој ден, „ве молиме упатете се до Министерството за внатрешни работи доколку сакате да ги добиете доказите или кликнете на веб-страницата доколку сакате да ја видите сликата што ја имаме како доказ за вас“. Ќе се процесуира, доколку е мал прекршок ќе треба да се плати парична казна, ако е поголем прекршок ќе се оди на суд со забрана … Ме прашуваат „Ферари ако одземете што ќе направите со него“, велам ќе го дадеме на Детска градинка Цветче да се возат дечињата. Битно е дека ќе го одземеме возилото и тој што ќе управува безобзирно таков тип на моторно возило нема да го има повеќе, па да видиме со новото што ќе го купи дали пак ќе го прави истото – рече Тошковски.