– На мобилен телефон ќе ви стигне порака дека сте направиле прекршок на тој и тој ден, „ве молиме упатете се до Министерството за внатрешни работи доколку сакате да ги добиете доказите или кликнете на веб страницата доколку сакате да ја видите сликата што ја имаме како доказ за вас“. Ќе се процесуира, доколку е мал прекршок ќе треба да се плати парична казна, ако е поголем прекршок ќе се оди на суд со забрана … Ме прашуваат „Ферари ако одземете што ќе направите со него“, велам ќе го дадеме на Детска градинка Цветче да се возат дечињата. Битно е дека ќе го одземеме возилото и тој што ќе управува безобзирно таков тип на моторно возило нема да го има повеќе, па да видиме со новото што ќе го купи пак ќе го прави истото, рече Тошковски.
На новинарско прашање поврзано со договорот кој Владата во мај годинава го потпиша за обновување на лиценца на софтвер за анализа на дигитални податоци, за кој опозицијата обвини дека ќе се користи за прислушкување, Тошковски рече дека лиценца за негово користење е добавена во 2021 година од неговиот претходник и дека софтверот не се користи за прислушкување, туку, како што појасни, се користи за екстракција на податоци од телефони во Одделот за форензика.
– Не знам зошто опозицијата не може да сфати дека со вакви брутални лаги, ниски обиди за манипулација, нечовечен пристап онаму каде што треба да има човечен пристап, не може да добијат позитивна енергија кај македонските граѓани. Овој софтвер е дониран од нашите меѓународни пријатели во 2014-2015 година и лиценца за негово користење е добавена во 2021 година од мојот претходник. Сега ние кога ја набавуваме лиценцата, прават теза дека истиот ќе се користел за прислушкување. Овој софтвер нема врска со прислушкување, туку истиот се користи од Одделот за форензика во делот на екстракција на податоци од телефони, рече Тошковски.
За бегството на поранешниот вицепремиер на државата Артан Груби, министерот вели „службеното патување на Артан Груби многу долго трае, но се надевам дека еден ден ќе заврши и ќе биде процесуиран од страна на органите на прогон“, додека пак, за бегствата на екс директорите на ЕСМ и Државна лотарија, Васко Ковачевски и Перпарим Бајрами, тој нагласи дека во иднина ќе има многу повеќе лица кои ќе бидат „кабает пред себе и македонските граѓани дека душмански и без осет го краделе македонскиот народ“.
Прашан за случајот со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која го обвинува градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу за 150 дивоградби на територија на општината, и дали Арсовска пријавила во МВР дека добивала закани МВР, Тошковски рече „таква пријава од страна на градоначалничката не е доставена до МВР, но доколку во меѓувреме има пријавено сигурен сум дека се преземени соодветни чекори“.
– Министерството за внатрешни работи постапува како по пријава од надлежни органи кои што констатирале дека има одредени неправилности во делот на градење или било која друга сфера од општественото живеење, особено постапува по наредби од страна на надлежен јавен обвинтел. Точно е дека имаме постапувано во однос на нелегални градби и во други општини, не само во Општина Чаир, но точно е дека имаме постапувано по однос на нелегални градби и во општината која што ја напоменавте. Така што, добро е кога некој си ја работи работата која што му е утврдена согласно закон и уште подобро би било доколку функционерите избрани на избори би ја работеле таа работа во текот на својот вкупен мандат, а не само во последните неколку месеци, рече Тошковски.