Дополнително, за лица со попреченост се предвидени средства до 250.000 денари над основниот грант, со цел да се создадат еднакви услови за сите заинтересирани.
Објавен е јавниот повик од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој се однесува на две нови мерки наменети за невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис. За граѓаните над 29 години се доделува грант од 430.500 денари (околу 7.000 евра), додека за лицата до 29 години поддршката е уште поголема – до 615.000 денари (10.000 евра) за започнување сопствена дејност.
Дополнително, за лица со попреченост се предвидени средства до 250.000 денари над основниот грант, со цел да се создадат еднакви услови за сите заинтересирани.
Како што соопшти министерот за економија Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција во Владата, рокот за аплицирање е до 20 јуни, а право на учество имаат невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, рурални жени, корисници на гарантирана минимална помош, лица со попреченост, жени жртви на семејно насилство, повратници од странство и граѓани кои сакаат да ја формализираат својата дејност.
Двете мерки вклучуваат и целосна поддршка преку обука за претприемништво, изработка на бизнис план и шестмесечно менторство, со цел граѓаните не само да добијат финансиска поддршка, туку и знаење и насоки за успешно водење на сопствен бизнис.
– Нашата цел е јасна – да поддржиме што повеќе граѓани кои сакаат да градат нешто свое на одржлив и легален начин. Ова не е само финансиска помош, туку и директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и развојот на економијата. Ова не е само ветување, туку создавање реални можности за вработување и развој – изјави министерот Дурмиши.
Како што објасни, од јавниот повик се исклучени одредени дејности – дел од земјоделските активности, такси превоз, игри на среќа, осигурување и посредување при вработување. Сепак, за рурални жени и лица со попреченост важат одредени исклучоци, согласно со постојната регулатива.
Со оваа мерка, државата повторно го насочува фокусот кон активните мерки за вработување, со цел да се поттикне самовработување, претприемништво и долгорочен економски раст.