Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска со воведни обраќања го означија почетокот на проектот „Поддршка на системот за обезбедување квалитет на социјалните услуги во Република Северна Македонија“. Проектот, финансиран од Европската Унија, има за цел да поддржи изградба на функционален, транспарентен и ефективен систем за социјални услуги достапни за сите граѓани, особено за ранливите категории. Во наредните 24 месеци, проектот ќе се спроведува низ целата држава, преку активности насочени кон институционално зајакнување, развој на стандарди и индикатори, нови методологии за лиценцирање и обуки за професионалци.
Министерот Лимани во своето обраќање истакна дека министерството, како носител на политиките во областа на социјалната заштита, демографијата и младите, ја препознава потребата од цврст и одржлив систем кој не само што ќе обезбедува социјални услуги, туку и ќе гарантира нивен континуиран квалитет. Со овој проект се прави значаен исчекор од формален кон функционален и трансформативен систем, од општи заложби кон мерливи стандарди и од услуга како обврска – кон услуга како право, како одраз на грижа, професионалност и емпатија. „Системот за осигурување квалитет на социјалните услуги не е само административен инструмент – тој е механизам за градење доверба. Доверба меѓу државата и граѓанинот. Доверба дека секој поединец – дете, возрасен, лице со попреченост, семејство во криза – ќе добие поддршка што е навремена, стручна, достапна и достоинствена,“ истакна Лимани.
Проектот предвидува развој на стандардизирани методологии за следење и евалуација на квалитетот, инструменти за самоевалуација на давателите на услуги, јакнење на професионалните капацитети на социјалните работници, воспитувачи, координатори и сите вклучени во синџирот на поддршка и, најважно, активно вклучување на самите корисници како партнери во процесот на проценка. „Ова е процес што ја менува културата на системот – од реактивна кон проактивна. Тоа значи дека нема да чекаме проблемите да се појават за да реагираме. Напротив, ќе градиме услуги што ќе ги предвидуваат потребите, ќе спречуваат маргинализација и ќе овозможуваат еднакви шанси за сите,“ порача Лимани.
Тој изрази благодарност до сите партнери и поддржувачи – домашни и меѓународни, и како што посочи „ сите оние кои веруваат во потенцијалот на нашето општество и вложуваат во неговата социјална трансформација.“ „Ако сакаме да изградиме општество со силни вредности, мора да се грижиме за секој поединец – доследно, одговорно, човечки. Нека овој проект биде пример како заедно можеме да правиме суштински промени,“ порача Лимани.