Денеска во организација на Сојузот на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, се одржа 13. издание на традиционалната Авицена Женска трка. Како и во изминатите години, така и денес, учесничките успеаја да го наполнат Градски Парк со спортски дух и позитивна енергија.
Приближно 3000 жени учеснички од девет возрасни категории се појавија на стартот на кружната трка во должина од 3 километри, во близина на фонтаната „Лотос“, испраќајќи силна порака за женска солидарност, мотивација и поддршка. Трката започна точно во 10:00 часот, а претходно, сите учеснички заеднички се загреаја со енергични аеробик вежби во 09:40 часот, создавајќи позитивна енергија која ја одбележа целата манифестација.
„Авицена Женската трка и оваа година ја пренесе пораката дека здравиот начин на живот е најважен. Горда сум дека веќе 13- та година по ред успеваме да мотивираме голем број на жени, љубители на спортот, да излезат и да трчаат во името на здравиот живот. Авицена Женската трка дефинитивно препрасна во една традиционална спортска манифестација, со што искрено се надевам дека бројот на учеснички на следното јубилејно издание ќе биде уште поголем“, изјави Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје. Најбрза на годинашното издание на трката беше Теа Божиновска од Атлетскиот клуб „Скопски маратон“, која прва ја помина целта со време од 10 минути и 30 секунди. Второто место ѝ припадна на Фросина Михајловска од АК „Аеродром“ со време 10:39 мин, додека третото место и припадна на Дарија Крстевска од АК „Олимп“ со резултат од точно 11 минути.
По завршување на трката, на свечена церемонија беа прогласени најбрзите натпреварувачки, а награди од партнерите на трката добија и најдобрите во 9 одделни возрасни категории во кои беа поделени учесничките. Покрај нив, наградени беа и најсреќните во лотаријата што се одржа вчера, во која учествуваа сите стартни броеви на натпреварувачките.
Конечните резултати од овогодинешната Авицена Женска трка може да се проследат на веб-страницата tagtiming.mk. Поддршка на годинашната Авицена Женска трка дадоа и претставниците од Здружението за промоција и поттикнување на спортски активности – 091 Run Crew од Скопје, кои со своето присуство и ентузијазам уште еднаш го потврдија значењето на заедницата во промоцијата на здравиот живот и спортот.“ Авицена Женска трка повторно го потврди својот статус како повеќе од спортски настан – таа е симбол на женска моќ, заедништво и промоција на здрав животен стил. Организаторите изразуваат огромна благодарност до сите учеснички, поддржувачи и партнери, со ветување дека следното издание ќе биде уште помотивирачко и повозбудливо