Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините придружни членки (ОПЕК плус) најавија дека почнувајќи од мај ќе го зголемат производството за 411.000 барели дневно, вест што го продлабочи падот на цената на нафтата на светските берзи. ОПЕК Плус првично се очекуваше да го зголеми производството за само 135.000 барели дневно, но нафтениот картел сепак ги надмина очекувањата и рече дека конечната бројка го вклучува и мајското зголемување и две дополнителни месечни зголемувања, пренесува Ројтерс. Земјите-членки додадоа дека постепеното зголемување може да биде суспендирано или откажано во зависност од развојот на ситуацијата на пазарот.
На состанокот на ОПЕК плус учествуваа осум земји, Русија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Ирак, Алжир, Казахстан и Оман. Нов состанок на ОПЕК плус, на кој ќе се одлучува за производството на нафта во јуни, ќе се одржи на 5 мај, се наведува на веб-страницата на ОПЕК. Пред објавувањето на ОПЕК Плус, светските цени на нафтата паднаа за повеќе од четири отсто, бидејќи пазарите стравуваат дека новите царини на американскиот претседател Доналд Трамп ќе разгорат глобална трговска војна која ќе го забави економскиот раст и ќе ја ограничи побарувачката за гориво, пренесува Танјуг. Според податоците на берзата, цената на нафтата денеска во 16 часот и 20 минути паднала за 6,93 отсто на 66,687 долари, а на нафтата од типот „брент“ за 6,43 отсто на 70,128 долари за барел.