Општина Аеродром најави дека во наредниот период ќе започне со целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче, а ќе започне и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче. Оттаму велат дека тендерските постапки и за двата проекта се во финална фаза и се очекува наскоро, по нивното комплетирање да се започне со реализација на терен. Водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче за првпат од нејзината изградба добива целосна реконструкција при што старите и дотраени цевки ќе бидат заменети со нови и пошироки инсталации во должина од околу 1 300 метри.Со ова конечно се става крај на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите во овој дел од Аеродром – информираат од Општината.
Наредниот период Општина Аеродром започнува и со реконструкција и проширување на мостот на Маркова Река, меѓу Горно и Долно Лисиче. Мостот се наоѓа на многу фреквентна сообраќајница и токму заради зајакнување на безбедноста во сообраќајот се врши реконструкција со проширување на овој мост, со што би се добило побрз проток на возилата, но она што е уште позначајно е дека ќе се зголеми и самата носивост на објектот – велат од Аеродром. Реконструкцијата на водоводната мрежа и на мостот се финансиски поддржани од Владата. Водоводната мрежа ќе чини околу 15 милиони денари, а мостот околу 12 милиони денари.