Од Општина Гази Баба информираат дека е објавен Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општината за набавка и вградување на сончеви термални колектори. Според локалната самоуправа, право на учество на Јавниот повик имаат сите жители на Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви колектори во својот дом во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември оваа година или до исцрпување на предвидените финансиски средства за оваа намена од општинскиот Буџет. Општината ќе им надомести дел од трошоците на граѓаните, односно до 50 отсто од вкупната сума, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2025 година.
За да може да аплицира за овие субвенции, барателот треба да ги исполнува доленаведените услови: – да е жител на Општина Гази Баба, – да нема искористено субвенции за купување на сончеви термални колекторски системи во својот дом од било кој друг извор на Република Македонија, – набавениот уред да биде купен во 2025 година, во период од денот на објавување на јавниот повик и истиот да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот, – да има платено данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде инсталиран сончевиот термален колекторски систем заклучно со 2024 година.