Членот „62 а“ ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола. Да потсетиме, овој член од законот го донесе министерот Миле Јанакиевски во владата на Никола Груевски и го промени претходниот закон со кој задолжително се бараше согласност од соседите доколку градбата е поблиску од 3 метра до оградата. Ваквата одредба навистина претставуваше кочница при изградбата и до израз многу често доаѓаа лошите соседски односи кои на моменти дури се претвораа во изживување.
Измената предложена од министерот Јанакиески беше во склад со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и подзаконските акти, а не од волјата на комшилукот. Транспарентноста беше запазена. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи, што е според наше мислење недозволиво.
Длабоко сме убедени дека ова не е барање на локалната самоуправа, туку е барање исклучиво на инвеститорите, а министерството за транспорт и врски се крие зад наводното барање на општините. Недозволиво е соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата. Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот. Општина Карпош и понатаму ќе ги информира соседите при издавање на градежните дозволи.