Општина Кисела Вода повторно, како и минатите години, обезбеди субвенции за огревно дрво, со цел финансиски да им се помогне на жителите кои го користат овој енергенс за загревање.
Покрај оваа мерка, ќе ги продолжиме субвенциите за пелети и печки на пелети, за енергетска обнова на фасади, а од годинава субвенции имаме и за пензионери со ниски пензии, како и субвенции за возачки дозволи за сите матуранти. Наскоро ќе излеземе и со нов сет мерки со кои дополнително ќе го олесниме секојдневието на нашите граѓани – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Јавниот повик за надомест на дел од трошоците за огревно дрво е објавен денеска и според него сите жители на Кисела Вода кои купиле или ќе купат дрва за огрев во периодот од 1 април до 31 октомври 2025 година, можат да аплицираат за добивање на поврат на средства, до исцрпување на предвидениот буџет од 1.200.000 денари. Субвенцијата изнесува 500 денари за секој купен метар кубен дрва за максимум до 10 кубици или 350 денари за секојпросторен метар дрва, за максимум до 14 просторни метри. Право на учество имаат сите жители на Општина Кисела Вода кои ќе достават валидна документација и ќе ги исполнат критериумите. Апликациите се поднесуваат во затворен плик преку Архивата на општината, а џсубвенциите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“.