Денеска обвинителството ја објасни улогата на градоначалниците на Кочани, кои се осомничени во истрагата за трагедијата во Кочани. Во текот на вчерашниот ден беа уапсени градоначалникот во оставка Љупчо Папазов и поранешните двајца градоначалници, Ратко Димитровски од редовите на ВМРО ДПМНЕ и Николче Илијев од редовите на СДСМ.
-Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничени двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект. Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот, информираа од Обвинителството.