Општина Куманово ја доби својата прва Повратна вендинг машина (ПВМ) за одложување на отпад во 2023 година и оттогаш бројни граѓани ја користат, што придонесе за поставување на уште неколку вакви машини на повеќе локации во Општината. Поставувањето на Повратни вендинг машини е поддржано од Швајцарската амбасада во РСМ и заедно со “Пакомак” инвестираат во подобрување на отпадната инфраструктура и во зајакнувањето на еколошките практики во земјава.
Жителите на Општина Куманово покажаа грижа за животната средина со тоа што во изминатите две години се собрани и правилно одложени дури 7.172 килограми отпад. Според податоците што ги обезбеди “Пакомак”, во нашата локална самоуправа се собрани и одложени 247.218 шишиња и лименки преку ПВМ, со што се наоѓаме меѓу 10-те Општини со најголем број собрани парчиња отпад во државава.
„Зелените поени“ на “Пакомак” се добиваат за секое одложено шише или лименка, а потоа преку различни опции на апликацијата ЕкоМак, корисниците можат да одберат на што ќе ги потрошат: плаќање сметки, комунални трошоци, донации и слично. Локалната самоуправа дава голем поттик за граѓаните, со тоа што ги финансира „зелените поени“, на тој начин зголемувајќи ја нивната вредност. Ова придонесува за поголем интерес на граѓаните и значително зголемување на бројот на корисници во однос на Општините, кои не ги финансираат поените. Моментално на територија на Општина Куманово регистрирани се 1.193 корисници, чија бројка се зголемува.
„Вложувањето напор, време и средства за подобрување на отпадната инфраструктура во Општина Куманово навистина вродува со плод. Тоа се забележува не само во почистата околина, туку и во нивото на свеста за еколошките теми, кое постојано расте. Благодарност до “Пакомак”, но и до граѓаните, кои покажуваат дека се подготвени и имаат волја да направат нешто добро за својата Општина“, изјави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Општина Куманово апелира до сите граѓани да внимаваат каде го одложуваат отпадот и да бидат сигурни дека истиот ќе заврши на вистинско место.