Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека Општина Центар распиша Конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата за 2025 година. Вкупните средства за поддршка на проектите изнесуваат 3.600.000 денари, а конкурсот е наменет за сите физички лица, здруженија, организации и правни субјекти што делуваат во областа на културата и уметноста, со седиште на територијата на Општина Центар. „Културата е двигател на општеството, а нашата обврска како општина е да создадеме услови за нејзино унапредување и достапност до сите граѓани. Овој конкурс е можност за сите уметници и културни работници да ги реализираат своите креативни идеи и да придонесат кон збогатување на културната сцена во Центар.
Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават и заеднички да го збогатиме културниот живот на нашата општина. Проектите треба да бидат иновативни, да обезбедат достапност на културата до граѓаните, да вклучуваат различни старосни групи и да ја афирмираат современата уметност и младите професионалци“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски. Финансиска поддршка ќе се доделува за проекти во следните области: изведбени уметности, музички уметности, визуелни уметности и уметност на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, промоција на културното наследство, како и креативни индустрии. Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавување на конкурсот, до 15 март. Пријавите со потребната документација може да се поднесат преку пошта на адреса: Општина Центар-Скопје, Сектор за јавни дејности/Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје или во Архивата на Општина Центар (барака 6) од 9.00 до 15.00 часот. Сите пријавени проекти ќе бидат оценети од Комисија за евалуација, а избраните ќе бидат дел од Годишната програма за култура на Општина Центар за 2025 година. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Општина Центар – Скопје: https://www.centar.gov.mk/?p=24566