Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, вчера беше дел од донаторскиот настан за поддршка на националните роботски тимови организиран од СТЕМ Академија која е единствената глобално акредитирана организација за СТЕМ образование во земјава. „Заедно со домаќинот и водител на настанот Сашко Коцев, на еден забавен начин, ја прославивме моќта на упорноста, храброста да се сонува и силата на младите умови кои никогаш не се откажуваат. Навистина сум среќен што имав можност да ги запознаам членовите на Space Walkers тимовите и одблизу да ги видам роботските креации што децата ги изработија во изминатиот период и со кои ќе учествуваат на Глобалната светска роботска олимпијада која ќе се одржи во април на Крит, Грција.
За пофалба е постигнатиот минатогодишен успех, кога во конкуренција од 1450 тимови во 19 категории, младите таленти на Space Walkers освоија прво и второ место што е показател за нивната посветеност, инвестирање безброј часови во дизајнирање, тестирање и подобрување на роботите. Направете нè повторно горди и покажете му на светот што значи македонската СТЕМ сила“, рече Герасимовски. Општина Центар го препознава квалитетот, го вреднува трудот и затоа континуирано дава финансиска поддршка на програмските активности на оваа фондација.