Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека Општина Центар распиша Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот со цел унапредување, промоција и афирмација на спортот во општината. Герасимовски, истакнува дека право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, спортски здруженија и спортски институции. „Средствата од овој повик ќе бидат насочени кон поддршка на иновативни и квалитетни спортски проекти кои ќе придонесат за развојот на младите спортисти, афирмација на аматерскиот спорт и организирање спортски настани од домашен и меѓународен карактер. Спортот е двигател на здравата и активна заедница. Општина Центар континуирано инвестира во создавање можности за младите спортисти и граѓаните да имаат пристап до квалитетни спортски содржини. Овој повик е уште еден чекор во насока на поддршка на спортските клубови, здруженија и поединци кои вложуваат во спортот и спортските вредности“, рече Герасимовски.
Јавниот повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот изнесува три милиони денари. Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар: https://www.centar.gov.mk/?p=24652. Пријавата со целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса: Општина Центар-Скопје, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје, или во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) од 9.00 до 15.00 часот со назнака: ЈАВЕН ПОВИК за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот. Општина Центар продолжува да ја поддржува спортската заедница и да вложува во развојот на спортот како основа за здрав и активен живот.