Општина Центар ги повикува сите заинтересирани културни работници, здруженија и организации од областа на културата и уметноста да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка на проектот „Светски ден на поезијата“. Како што велат оттаму, целта на проектот е да се потенцира значењето на пишаниот збор и да се промовира поезијата како дел од културното наследство преку спојот на поезијата и музиката. Во рамките на проектот, е предвидено да се изработат музички аранжмани на безвременските дела од македонската литература, нудејќи богато и оригинално искуство за публиката.
Ова уникатно поврзување на поезијата и музиката ќе биде претставено на 21 март, на Светскиот ден на поезијата. Цел е да ги поттикнеме нашите уметници да ги спојат во хармонија нотите и зборовите, создавајќи ново искуство кое ќе ја приближи поезијата до секој, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Право на учество на јавниот повик имаат физички лица, здруженија и правни субјекти од областа на културата со седиште на територијата на општина Центар. При изборот на проектите ќе се земат предвид оригиналноста на идејата, референците и портфолиото на апликантите, како и прифатливоста на финансиската конструкција. Вкупниот буџет за поддршка на проектот изнесува 400.000 денари. Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.