Проблемот помеѓу Градот и општините датира веќе речиси две години, но интензитетот значително се зголеми изминативе неколку месеци. Кисела Вода, Аеродром и Центар се меѓу „најгласните“ изминативе недели и секојдневно бараат од Град Скопје и „Комунална хигиена“ навреме да се собира ѓубрето. Во последните неколку месеци низ главниот град може насекаде да се забележат ѓубришта или таканаречени мини-депонии, кои ги револтираат граѓаните бидејќи отпадот со денови се таложи, скапува и смрди, а комуналците некогаш знаат и да доцнат повеќе од две недели со собирање на ѓубрето. Поплаки пристигнуваат буквално од секаде, а проблемот помеѓу Градот и општините што постои речиси две години, значително се зголеми изминативе неколку месеци. Кисела Вода, Аеродром и Центар се меѓу „најгласните“ во изминативе недели, чии градоначалници постојано бараат реакција од ЈП „Комунална хигиена“ и јавно ја повикуваат градоначалничката Данела Арсовска да постапи и да го контактира претпријатието со цел тие повторно да започнат со редовно собирање на отпадот низ главниот град.
Граѓани секојдневно праќаат фотографии и видеа до редакцијата на „Слободен печат“ на кои можат да се забележат преполни контејнери, најчесто со кеси полни со остатоци од храна и друго ѓубре од домаќинствата, затоа што нормално е семејствата да продуцираат секојдневно отпад, поради што не смее да има прекин ниту во неговото собирање.

Скопје со своите десет општини бара обемна работа од „Комунална хигиена“, а токму поради обемот на работата е направен распоред за собирањето на сметот од микролокациите, кои комуналците се задолжени да го почитуваат. Сепак граѓаните, особено во населбите со индивидуални куќи, каде што нема контејнери туку канти пред секоја куќа, се жалат дека не ја добиваат договорената услуга за редовно собирање на отпадот, иако од јавното претпријатие постојано ги негираат ваквите обвинувања. Скопјани незадоволни од преполните контејнери помош бараат од општините, оттаму пак „прстот“ го насочуваат кон Градот и повторно кон „Комунална хигиена“ и нејзиниот менаџмент. Од почетокот на мандатот на Арсовска па до денес, во јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје се сменети 30-ина директори, а од промените не беше „поштедено“ ниту ЈП „Комунална хигиена“, претпријатие каде што градоначалничката пет пати назначуваше нов директор, а последноизбраниот беше Сабахудин Рустеми од редовите на ДУИ, кој кон крајот на јануари годинава го замени дотогашниот Јетон Незири, кој го снајде истата судбина како неговите тројца претходници.
Ѓубре, смрдеа и преполни контејнери низ Скопје, а „Комунална“ тврди дека редовно собира – Слободен печат Веројатно со честите промени на директорите се менувал и системот на работа на претпријатието, оделе и доаѓале нови луѓе со различни замисли, но и компетенции за водење на ова, навидум неважно, но според случувањата во изминатава година, претпријатие од особена важност за граѓаните. Од Општина Центар веќе редовно објавуваат дека го собираат ѓубрето наместо „Комунална хигиена“ и тврдат дека постојано се обидуваат да контактираат со Град Скопје, но оттаму, како што велат, нема никаква реакција или повратен одговор. – Нема никаква комуникација меѓу нас и Градот, пративме барање за да се исчисти општината, но не добивме никаков повратен одговор. Овој проблем го имаат сите десет општини од Скопје, кои од денеска почнуваат со работа на принцип „секоја за себе“ – рече неодамна градоначалникот Горан Герасимовски, кој на неколкупати порачуваше претпријатијата да не си играат институционален пинг-понг.
По овие обвинувања на Герасимовски, од „Комунална“ конечно се огласија и го обвинија градоначалникот од редовите на СДСМ дека целото негово кревање врева е политички поттикнато и одработено за ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник што раководи со Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Ѓорѓиевски, пак, е постојано еден од најгласните во „препукувањата“ со Градот и Арсовска, кои опфаќаат повеќе теми и случување отколку само комуналното ѓубре, а минатата година општинскиот сектор за инспекција на Кисела Вода издал и прекршочен платен налог за ова претпријатие во износ од 1.500 евра поради неизвршување на нивните предвидени задачи и обврски. Во изминатиот период Кисела Вода се соочи со два потешки инциденти во непосредна близина, кои причинија онлајн борба на Ѓорѓиевски и Арсовска. Првиот проблем беше истекувањето на речното корито од Маркова Река, кое поплави објекти во Студеничани и во Батинци, но го опфати и булеварот „Борис Трајковски“ во Пинтија, каде што по поплавите од Општина Кисела Вода жестоко реагираа за непостапувањето од страна на Град Скопје за решавање на овој проблем, а оттаму ги осудија обвинувањата на Ѓорѓиевски и порачаа да не глуми, како што велат, лажен хероизам. – Џабе се слика со лажен хероизам градоначалникот во заминување Орце Ѓеоргиевски, кој освен со сликање, со друго не може да се пофали. Наместо навремено да реагира и да го спречи излевањето на реката, тој избра да глуми спасител со лажен хероизам и да се фотографира на терен, без да признае дека проблемот е создаден токму поради неговата негрижа – рече тогаш Арсовска.
Вториот проблем што предизвика судир на двата градоначалници е скорешното излевање хемикалии од погонот на фирмата „Екопор“ во населбата Пинтија.

Препирката беше токму поради надлежностите, чиј инспектор постапил или не постапил пред случувањето на оваа хаварија, и кој треба да го среди и да го изолира проблемот. – Од наша страна, иако не е во рамките на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија. Инспекторите од Кисела Вода веднаш излегоа на терен и констатираа протекување хемикалии од вентил при дефект, кои се користеле за производството – изјави градоначалникот. Арсовска, пак упати апел до Општина Кисела Вода и до Министерството задолжено за оваа област да постапат и да ја санкционираат компанијата во согласност со законите, а засега истрагата за ова протекување е сѐ уште во тек. Нападите кон Градот и „Комунална хигиена“ доаѓаат и од Општина Аеродром, од каде што неколкупати јавно ги повикуваа градските комуналци да си го собираат ѓубрето кое е во нивна надлежност, па дури и ги обвинија како причина на лошата хигиена во општината преку одреден медиум.
По ова обвинување Арсовска преку правни средства побара демант за оваа објава на в.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески поради ширење невистини и нарушување на угледот и порача дека градоначалникот на Град Скопје не е ниту менаџер ниту директор на „Комунална“. – Градоначалникот на Град Скопје не е менаџер ниту директор на ЈП „Комунална хигиена“, а во врска со причините за проблемот со комуналниот и кабаст отпад низ улиците на Општина Аеродром – порача Арсовска. И покрај сиве овие препирки и кавги, ѓубрето сепак останува расфрлано насекаде, а граѓаните незадоволни. Од „Комунална хигиена“ не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ зошто има застој во собирањето ѓубре и дали претпријатието има доволно возила за да се справи со сите градски контејнери.