Унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот изјави дека се надева оти „новите ветришта“ во меѓународната политика ќе го запрат притисокот врз лидерот на босанските Срби Милорад Додик, со кого тој се сретна во Будимпешта во текот на денот, додека Додик го пофали Орбан, нарекувајќи го визионер. По нивната средба, Орбан во објава на социјалната мрежа Икс напиша дека Унгарија сака стабилност на Балканот и тврди дека Додик придонесува за тоа борејќи се за стабилноста и напредокот на Република Српска.
„Тој не треба да биде казнет поради тоа“, рече Орбан, кој е еден од ретките политички пријатели на Додик во Европа.
На Запад, како и во САД, Додик генерално се доживува како политичар чии постапки претставуваат закана за мирот и стабилноста на Западен Балкан, бидејќи тој постојано се заканува со отцепување на РС од БиХ. Додик е под санкции од САД и Обединетото Кралство и му е забрането да патува во тие земји и се надева дека поддршката што досега ја покажал на Доналд Трамп ќе доведе до олеснување на овие казнени мерки, барем во случај на нова американска администрација. Тој испрати и пораки дека е дојдено време за нови политички односи и смета дека Европа мора да се прилагоди на новите реалности наметнати од администрацијата на Трамп.
„Сега сите што беа противници на Трамп во Европа се редат и се обидуваат да дојдат до него“, изјави Додик за Телевизија РС (РТРС), бранејќи ја изјавата на американскиот потпретседател Џ. Венс на Минхенската безбедносна конференција, што предизвика незадоволство кај европските лидери поради начинот на кој тој, како втор човек на САД, им држеше предавања за демократските вредности.
„Сето тоа се нови околности на кои треба на некој начин да се прилагодиме“, рече Додик, кој се согласува со ставот дека во Европа се спроведува цензура.
Додик оваа недела го чека последното рочиште во Судот на БиХ, каде што му се суди за непочитување на одлуките на високиот претставник. Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со казна затвор до пет години и забрана за политичка активност. Од Будимпешта рече дека властите во РС секако ќе реагираат во случај на виновност. „Секој кој навистина мисли дека може да ги моделира политичките односи во БиХ на овој начин е глупав“, рече Додик.