Градоначалниците на сите општини да ја препознаат важноста на оваа можност и да аплицираат на Конкурсот со конкретни, издржани и добро подготвени проекти. Инвестирањето во еколошка инфраструктура е инвестиција во здравјето на нашите сограѓани, во одржливиот развој и во иднината на нашите општини. Денес, во просториите на ЗЕЛС, остварив работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. На истата присуствуваа и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу и директорката Душица Перишиќ. Министерот Меџити ги презентираше критериумите и условите од Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализација на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година.
Средствата се наменети за важни еколошки инфраструктурни проекти, како што се изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи, системи за одведување и пречистување на отпадни води, како и за водоводни системи со цел заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите. Покрај презентацијата на критериумите за аплицирање, на средбата се разговараше и за клучни прашања поврзани со унапредувањето на локалната самоуправа – за процесот на децентрализација, за потребата од зголемување на дотациите кон општините, за зајакнување на нивната финансиска независност, како и за унапредување на експедитивноста во сите административни процеси во државата. Дополнително, беа отворени теми за понатамошно развивање и поддршка на зелените политики на локално и национално ниво, со посебен акцент на градот #Скопје.
Грижата за чисти води, заштитени природни ресурси и здрава животна средина не смее да биде избор – тоа е обврска што сите заедно мораме одговорно да ја носиме. ЗЕЛС ќе остане партнер и поддржувач на сите општини во овој процес и ќе работиме заеднички на јакнење на локалните капацитети за планирање и реализација на вакви проекти. Истовремено, продолжуваме силно да се залагаме за поголема финансиска самостојност на општините, за унапредување на децентрализацијата, за зголемена експедитивност во сите институционални постапки, како и за промовирање на зелени политики што ќе придонесат кон почиста и поодржлива животна средина.
Само преку заедничка акција ќе успееме да изградиме почисто, позелено и подобро место за живеење за сите наши граѓани.