Оскудна и прескапа е понудата на цреши на зелените пазари, а нивната цена се движи од 250 до 400 денари за килограм. Ги нема и по маркетите, а граѓаните велат дека иако традицијата налага за Духовден да се подаде керамичко канче со ова овошје, годинава ќе отстапат од ова правило. Затоа, трговците се подготвуваат посебно за Задушница, а во последните години освен мали пакувања на кекси, алва и локум, нудат дури и пакувања на свеќи и мали канделабри. Црешовата Задушница се слави на 7 јуни, кога природата е во својот цут и денот добива особено емотивен и симболичен знак. Нејзиното име доаѓа од сезоната на зреење на црешите, кои традиционално се присутни меѓу понудените јадења. На официјалниот земјоделски портал деновиве стојат цените од неколку пазари во внатрешноста, а убедливо е најскапа понудата во Свети Николе каде еден килограм цреши чини 400 денари. По 300 денари за килограм црешите им се нудат на жителите на Кратово и Гостивар, додека во Неготино се најевтини и чинат 250 денари. Просечната цена на црешите на мало, според истиот портал е 312 денари за килограм. Првите цреши кои во Скопје се појавија пред еден месец чинеа и до 1.500 денари за килограм и без увезени од Турција.
– Нема цреши, дождот и мразот ги сотреа уште кога цутеа, а сега нема ни сонце за да бидат послатки. Ги немаше ни лани, годинава ќе има уште помалку, бидејќи времето во изминатите денови не им одговараше на овошките – велат пазарџиите. Тие се жалат дека увозното овошје им е прескапо на граѓаните. Според статистичките податоци, во 2024 година во државата е регистриран пораст од 3,1 отсто кај овошните градини, а според овошките лани производството на цреши било зголемено за 41 отсто. Вообичаено дома произведуваме околу 6.000 тони цреши. Охридската цреша е првиот македонски бренд со заштитена географска ознака. Но, црешата ја има и во другите региони. Сепак, малопродажната цена, според овоштарите зависи од фактот „низ колку раце“ ќе помине ова овошје, што значи дека таа може да вдојно или тројно поскапа од откупната. Овоштарите велат дека би било пожелно ако откупната цена на килограм цреши изнесува околу 2 евра, а на пазарот да не биде повеќе од 160 до 180 денари. За потсетување, законот за нефер трговски практики е на сила веќе една година, но се добива впечаток дека максимално не се почитува законската маржна од 10 отсто.
Лани во просек едно македонско семејство купило по 1,4 килограми цреши. Тоа е речиси минорно во споредба да речеме со Хрватска, каде што просечно се консумираат меѓу 2 и 2,5 килограми цреши по глава, додека просекот во развиените европски земји и Турција, како еден од најголемите производители е околу 8, па и повеќе килограми. На крајот на февруари, првите цреши се појавија на пазарите во Загреб и другите градови – но тие беа увезено овошје, па цените беа „увезени“ и необично високи: дури 35 евра за килограм! Три месеци подоцна, со почетокот на домашната сезона на цреши, цените се малку попристапни – но сепак значително повисоки во споредба со другите овошја. Во загрепскиот Долац, црешите од Каштела неодамна се продаваа за 16 евра за килограм, додека локалните цреши од областа беа околу 10 евра. Во Риека, цените моментално се околу 12 евра, а во Осиек околу 8 евра за килограм, пишува Н1 Хрватска.