Со запирањето на постапката за четворицата обвинети во случајот „Организатори за 27 април“ се создаваат идеални услови за нова мистификација на целиот случај, а со тоа и отворен пат за дезинформации што ќе ја трујат македонската јавност. Случајот може да се толкува и како пораз, пред сè, на македонското обвинителство, да го докаже случајот, откако првично започна со обвинителен акт во 2018 година за „Терористичко загрозување на уставниот поредок“, а во врска со настаните во Собранието од 27 април, потоа во 2021 се избори за неправосилна пресуда за Трајко Вељановски, тогашен претседател на Собранието, поранешните министри Спиро Ристески и Миле Јанакиески и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски, со која сите добија по над шест години затвор, потоа една одлука на Апелацискиот суд во 2023 г. делото повторно да се суди, па потоа повторно одлуки на Кривичниот суд со кои се потврдува пресудата и се одбиваат барањата на обвинетите за примена на Законот за амнестија од 2018 година по донесено мислење на Обвинителството, за на крај, во трет обид истиот судија на Кривичниот суд да донесе одлука дека обвинетите се слободни и дека се прифаќа нивното барање за амнестија. И оваа одлука се донесе по „пишман одлуката“ на Обвинителството, дека „барањето на одбраната за примена на законот(за амнестија-н.з.), за нивен еднаков третман пред законот како и останатите осомничени и обвинети кои добија амнестија врз основа на истиот закон е нешто кое не може да се спори“.
Контекст
Да потсетиме, од вкупно 33 обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ – случај што претходеше на овој за организаторите, само Игор Дурловски беше ослободен, додека во 2019 година поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, беше осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски беше првостепено осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор(извор Тука). Претходно, како што наведуваат медиумите по барање за амнестија беа ослободени повеќе лица, меѓу кои и Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
Факти за внимание
Меѓу фактите околу исходот за „Организаторите“, може заслужуваат да се наведат три. Прво, лицата за кои денеска запре постапката во случајот „Организатори за 27 април“ веќе се слободни затоа што судот конечно го прифати нивното барање да бидат ослободени по Законот за амнестија од 2018 година донесен од Собранието, исто како што беа ослободени погоре наведените лица обвинети за организирање на протестите и насилствата во Собранието. Второ, можеби еден од пресвртните моменти во случајот за „Организаторите за 27 април“ беше сведочењето на поранешниот премиер Зоран Заев во 2020 година, кога сведочеше по барање на одбраната. Тогаш на изненадување на целата јавност Заев изјави дека смета дека Никола Груевски е главниот организатор, а дека овие четворица на коишто им се суди биле заведени и не ги смета организатори. Никола Груевски пак, кој беше меѓу обвинетите, но процесот за него беше издвоен затоа што обвинтелството не обезбеди одговори дека тврдењето на Заев е чисто политичка изјава дадена од омраза, не споменувајќи ја, се разбира, макар хушкачката улога што ја одигра во настаните од 27 април. И трето, ова беше изненадување и предизвика несогласување од Вилма Русковска, главната обвинителка што го тераше случајот и тогашна шефица на ОЈО ГОКК, која за изјавата на Заев рече:
Обвинетите не се мали деца за да можат да бидат изманипулирани, тие беа и државни функционери. Јас со вакво тврдење апсолутно не се согласувам и очекувам судот да ги цени материјалните докази.
Русковска подоцна беше сменета од оваа позиција, по суспензија и направен нов избор за главен обвинител за ОЈО ГОКК. Како и да се толкува овој случај од аспект на македонското правосудство, дали пораз на обвинителството, недоследност на судовите или нешто трето, факт е дека ќе предизвика нова мистификација на целиот настан со упадот во Собранието на 27 април, кој ја подели земјата на уставобранители и предавници, поделба од која последиците врз општеството се сè уште видливи. Ваквата мистификација пак, е најплодно поле за нови дезинформации што ќе се плетат околу овој случај, со што поделбата и маглата ќе се мултиплицираат.
Пишува: Теофил Блажевски
Новинарска агенција МЕТА