Екс-шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи реагираше на назначувањето на Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Според Османи, „државата преку еден човек, назначен да ги води европските образовни фондови, ја понижи цела една заедница со јазик полн омраза, стереотипи и презир“. Османи истакна дека сака да го слушне гласот на сите Албанци и Македонци кои веруваат во соживот, во меѓусебна почит и достоинство.
-Не само Албанците – туку и самите Македонци, затоа што овој јазик не зборува од име на ниеден народ. Овој јазик зборува од името на омразата. Не сакам да повикам на осуда, туку да испровоцирам будење на совеста. Ова не е прашање на политика, туку прашање на човечност. Затоа решив вечерва да молчам – затоа што верувам во човечноста на моите сограѓани. Ова не е молк на слабост. Ова е тишина од доверба, стои во објавата на Османи.