Не може да има просперитет без европска иднина на државата. И тоа не го кажуваме како тип на закана, туку како грижа за иднината на граѓаните коишто секој ден земаат или бугарски пасоши, утре може да земаат албански пасоши, и ние ќе бидеме единствениот парадокс во светот – земја којашто не е членка на Европската Унија, а сите граѓани се државјани на Европската Унија преку соседните држави, вели потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за Радио Слободна Европа. Најавата на Ахмети дека доколку ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, ДУИ ќе излезе „на улица“, за потпретседателот на партијата, Бујар Османи, треба да се сфати како аларм за погрешните политики кои ги води актуелната влада.
„Кога Ахмети зборува за протести како основно уставно право на секоја опозициска партија, не зборува за Крешник Бектеши како име. Туку за тоа што се случува во државата. Начинот на којшто владата ја сегрегира, ги уништува основните кохезивни елементи на оваа држава. Тоа се три: Рамковниот договор го напаѓа и се обидува да го анулира целосно, европската перспектива исчезна и трето, селективната правда, којашто е канцерот на недовербата во едно демократско општество“вели Османи. За него и за ДУИ, Крешник Бектеши е парадигма на селективната правда и етничка, партиска, политичка поларизација со цел властите да ги заштитат своите по секоја цена.
„Тоа што видовме е дека полицијата не е интервенирала на време, дека полицијата знаела дека една година нема лиценца, дека на денот кога се случил тој голем настан со 600 луѓе, којшто бил рекламиран, низ Кочани и дека ке се случи,полицијата знаела дека нема лиценца, дека нема услов, тоа не се третира. Се третираат министрите за економија од пред 15 години. Тука гледате очигледен обид. Кои се виновни? Најдовме едни Албанци. И сега ке прикажеме пред тие во Кочани, Албанците ве убија. Знаете колку е ризична таа идеја, но најсрекен сум дека не фати корен тој обид да се етнизира прашањето. Не чув еднаш од мајките, од родителите на погинатите во Кочани да спомнуваат. Туку точно идентификува, кажаа кој требаше да не брани вечерта. Народот во Кочани, семејствата го положија најважниот тест, не потпаднаа под оваа пропаганда и всушност вперија прст таму каде што очекуваа дека некој ќе ги заштити“вели Османи.
За ДУИ и за Османи, претседателката Силјановска нема никаков кредибилитет да зборува за некакви притисоци врз судството, бидејќи таа никогаш не изустила ниту збор како критика за однесувањето и изјавите кои ги дава премиерот Мицкоски.
„Председателката не реагираше кога премиерот најави дека ќе организира протести против обвинителството и судството. Кога секој ден се заканува дека ќе разрешува судии и обвинители. Кога се однесува како обвинител и судија заканувајќи се дека Албанците ќе ги влече за уши. Претседателката одлучи да не ја реализира својата главна уставна улога, а тоа е да биде медијатор на различните политички и етнички позиции со цел да создаде единство. Таа стана гласноговорник на моноетничката доминација, гласноговорник на селективната правда, едноставно гласноговорник на партијата. И мислам дека таа функција веќе нема никаква улога, посебно не за Албанците коишто веќе не ја чувствуваат како своја и затоа е многу важно да се создадат механизми во коишто барем председателот ќе има елементи на прифатливост од страна на сите“ смета тој. Во однос на интеграциите, Османи оценува дека ЕУ е единствената перспектива за граѓаните, а актуелната гарнитура ја турка во ќорсокак, без да ја фокусира енергијата во изнаоѓање решение.
„Нема, не може да има просперитет без Европска иднина на државата. И тоа не го кажуваме како тип на закана, туку како грижа за иднината на граѓаните коишто секој ден земаат или бугарски пасоши, утре може да земаат албански пасоши и ние ќе бидеме единствениот парадокс во светот, земја којашто не е членка на Европската Унија, а сите граѓани се државјани на Европската Унија преку соседните држави. Прашањето на гаранции е погрешно поставено. Да, требаат гаранции, но не треба да се создаде нов како спорот со името. Гаранции не треба да се бараат од Европската Унија. Европската Унија е колективно тело во кое земјите имаат право на вето, вклучувајќи и Бугарија. Гаранции треба да се барат поединечно од земји членки, од Германија, од Франција, од важни држави во Европската Унија, коишто тие треба да ни гарантираат дека нема да дозволат утре во процесот Бугарија да ја злоупотреби преговарачката рамка. Затоа гаранции да, но не на начин на којшто се злоупотребуваат преко апстрактен поим, којшто само ќе создаде спор кој е нерешлив. Второ, дали требало да се прифати преговарачката рамка? Да, би било апсолутно историска грешка да се пропушти шансата македонскиот јазик прв пат во историјата да се запише во документ на Европската Унија без никакви додавки. Ние отидовме преку Договорот за добрососедство и во преговорачката рамка нема„ согласно Уставот“. 90% од преговорите со Бугарија беа за таа формулација. За да се додаде согласно уставот или звездичка во дефиницијата за јазикот, ние тоа го решивме 100% на наша сметка“ вели Османи во интервјуто за РСЕ. Во однос на состојбите во албанскиот политички корпус, за него одлуката на Таравари е израз на храброст бидејќи владата е моноетничка и нема легитимитет меѓу Албанците.
„Ако премиерот одлучува кој ќе ги претставува Албанците тогаш нема логика зашто ние да учествуваме на избори, бидејќи некој друг одлучува за нас. Владата не се фокусира на економските прашања, на нормалните прашања, туку мора да го укине Балансерот. Зошто албанскиот јазик исчезнува во државните институции? Зошто Инспекторатот за јазици по секоја цена се обедуваат да го укинат? Тоа е прашањето. Мислам дека одлуката на Таравари да го крене гласот против ова понижување е навистина храбра одлука. Се чепне ли јазикот, нема веке рамковен договор. Тоа е темелот на унитарноста на државата – Рамковниот договор, историскиот договор помеѓу Македонците и Албанците како треба ова држава да се раководи и да се живее во неа. Предвремените избори се неопходни за да се нормализира оваа ситуација. Ова е аномалија, ова е абнормалност којашто не може да биде одржлива“, рече Османи во интервјуото за Радио Слободна Европа.