Висок член на персоналот на палатата Кенсингтон, поточно секретарот за комуникации Џејсон Кнауф, кој работеше со принцот и принцезата од Велс до 2021 година, се појави во неделата на „60 минути Австралија“ каде што откри детали за најтешкиот период на принцот Вилијам и неговите емоции, откако дозна за дијагнозите на рак на неговата сопруга и неговиот татко за само неколку недели, пренесуват странските медиуми. Принцезата Кејт објави дека има рак кон крајот на март 2024 година. Неколку месеци подоцна, во септември 2024 година, таа сподели дека завршила со хемотерапија и минатиот месец откри дека е во „ремисија“ и се фокусира на закрепнување. Дијагнозата на ракот на кралот Чарлс беше објавена во февруари 2024 година, еден месец пред да биде објавена дијагнозата на принцезата од Велс.
Што се однесува до „вознемирувачкиот“ телефонски разговор меѓу Кнауф и принцот од Велс, во врска со дијагнозата на неговата сопруга, тој детално го опиша моментот за „60 минути Австралија“. „Беше ужасно, апсолутно ужасно. Му беше најтешко откако го познавам. Не можев да поверувам“, се сеќава Кнауф. „Проблемот беше што тие поттикнаа теории на заговор – ‘Дали навистина е болна?’ Тие не сакаа веднаш да објават дека има рак бидејќи сè уште ги немаа известено децата и сè уште подготвуваа план како да им кажат“, рекол тој. Кнауф рече дека тој и кралската двојка најмногу зборувале за „поранешните години“ за тоа „како ќе ги подготват своите деца за живот пред очите на јавноста“. „Неговото детство пред медиумите на моменти беше доста тешко и знаеше дека ќе мора да ги воспитува своите деца како да се справуваат со социјалните мрежи и мобилните телефони“, открил Кнауф. „Сум видел загрижени мајка и татко, но многу помалку во последниве години, што беше фантастично за нив како семејство“, додал тој. Анџела Тери, која се сретна со принцезата Кејт за време на ненадејната посета на болницата Кралската Марсден во Лондон минатиот месец, изјави за „Пипл“ дека принцезата зборувала за „шокот“ од дијагнозата на рак во семејството за време на нејзината посета и дека била многу отворена за време на посетата на болницата каде што претходно била лекувана.
„Ја слушнав како зборува со некого за шокот од дијагнозата и таа рече: ‘Да! Шок – и не сте само вие, целото семејство е тука, нели?’“, Тери се присети на посетата на принцезата. Таа вели дека имала пристап „сите сме во ова заедно“. „Беше навистина трогателно да ја гледам“, додала Тери. Во септември, принцезата Кејт изрази слични емоции кога објави видео порака за завршување на хемотерапијата. Во тоа време, таа го нарече „9-месечното патување“, „исклучително тешко за нив како семејство“ и истакна дека животот „може да се промени додека трепнеш“.