Расчистена е спорната парцела зад зградата на улицата Киро Крстевски – Платник, каде што претходно беше лоцирана диво изградена конструкција, информираа од Општина Центар. Станува збор за простор од приближно 500 метри квадратни, кој по години неизвесност конечно премина во сопственост на Општината, благодарение, како што велат оттаму, на соработката со Комерцијална банка АД Скопје, која претходно ја имаше оваа парцела под хипотека, па земјиштето го донираше на локалната самоуправа.
Одлуката за прифаќање на донацијата беше едногласно изгласана од Советот на Општината, со што се овозможи уривање на нелегално изградената градба, а Општината ги презеде сите активности за расчистување на теренот. Следниот чекор е општинските служби, во соработка со локалните жители, да го дефинираат најдоброто решение за уредување на просторот. Целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, без нови градби и во согласност со потребите на граѓаните. Имавме неколку средби со жителите од околните згради и ќе излеземе во пресрет на нивните барања. Просторот ќе добие намена која ќе биде во функција на граѓаните и по нивна мерка, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.