Од Основното јавно обвинителство информираат дека по добиена кривична пријава од група граѓани во врска со објект-дивоградба во Чаир, извршена е проверка по која обвинителството отворило истражна постапка против еден човек за кривично дело – Бесправно градење. Се работи за објектот кој пред десетина дена го потенцираше градоначалничката Данела Арсовска. Имено, според ОЈО, објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата “Кемал Сејфула” во Чаир. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда на шест ката со поткровје и подрум и деловни простории наменети за продажба.
-По наредба на јавен обвинител, овластен судски вештак од областа на градежништвото констатирал моментална фаза на изграденост, односно изведени армирано-бетонски работи, целосно избетонирана скелетна армирано-бетонска конструкција, столбови, греди и плочи од подрум до шестиот кат, како и ѕидање на надворешни и внатрешни ѕидови со блок тула- велат од обвинителството. Оваа дивоградба е објектот од каде градоначалничката Данела Арсовска минатата недела е вклучи во живо и заедно со вработени од Град Скопје изврши увид на градежните активности, по што обвини дека објектот се гради на државно земјиште и е дивоградба за која повика на реакција од МВР, а потоа поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство. Јавниот обвинител доставил предлог за определување мерки за претпазливост за осомничениот и привремено одземање на пасошот со обврска да се јавува кај определено службено лице, а воедно му е изречена забрана за изведување градежни работи на објектот-дивоградба.
Исто така, денеска од СВР Скопје информираа дека е извршен увид на булевар „Словенија“ во врска со пријавата за нелегален приклучок од фекална во атмосферска канализација за потребите на објект во сопственост на правно лице од село Глумово, општина Сарај. За ова дело во јавноста информираше градоначалничката Данела Арсовска, која на лице место ги затекна сторителите.