Падот на иранскиот режим би бил сериозен удар за Русија, пишува британскиот весник „Гардијан“. Клучниот сојузник на Москва, се вели во текстот, се соочува со најсериозната закана во последните децении.
„Додека Израел и Доналд Трамп бараат „безусловно предавање“ на Иран, Москва е сè повеќе загрижена за судбината на Иран, додека премолчено ја признава својата ограничена способност да влијае на настаните што се одвиваат“, се наведува во тексотот на „Гардијан“ . Никита Смагин, независен експерт за односите меѓу Русија и Иран, рече: „Одамна е јасно дека Русија нема воено да го брани Иран, бидејќи едноставно не е подготвена да ризикува конфликт со Израел и САД околу Иран“.

Аналитичарите велат дека претпазливиот одговор на Москва одразува студена политичка пресметка – давајќи приоритет на војната во Украина, додека се обидува да ги одврати САД од директно вклучување во конфликт што би можел да доведе до промена на режимот во Техеран. Малку е веројатно Кремљ да го вооружи Иран, а камоли да се приклучи на борбите, рече руски извор поврзан со Министерството за надворешни работи.
„Москва очигледно не сака конфликт со Трамп и прави сè што може за да ги убеди САД да се вратат на дипломатијата. Но, приоритет на Русија останува избегнување на какви било потези што би можеле да ги поткопаат нејзините односи со новата американска администрација или да предизвикаат промена во ставот на Трамп за Украина“, наведува „Гардијан“. Сепак, Кремљ би можел да претрпи загуба поради долготрајната израелска воена кампања поддржана од САД, која ја уништува економската и воената инфраструктура на Иран и го загрозува опстанокот на сегашната влада во Техеран.
„Ако сегашниот ирански режим се распадне, тоа би бил стратешки и репутациски удар за Русија“, цитира Гардијан извор од руското Министерство за надворешни работи.
„Поголема загуба од падот на Дамаск“, додаде изворот, осврнувајќи се на намаленото влијание на Москва врз Сирија по падот на Башар ал-Асад, долгогодишен сојузник на Кремљ чиј конечен пораз го означи крајот на скапата децениска руска интервенција.
Воздржаниот одговор и осудите на Русија се во спротивност со продлабочените врски на Москва со Иран по инвазијата на Украина во 2022 година, војна што ја стави Москва покрај Техеран меѓу земјите најтешко погодени од санкциите. Во првите месеци од инвазијата на Русија на Украина, Иран се покажа како важен партнер на Кремљ, снабдувајќи ја Москва со илјадници борбени беспилотни летала што беа користени за напад врз украинските градови. Техеран подоцна испрати и инструктори во Русија за да помогнат во поставувањето на објект за производство на беспилотни летала базиран на ирански дизајни и технологија во фабриките лоцирани длабоко во Урал.

Русија до сега не му испорача ништо на Иран
Сепак, односот меѓу двете земји отсекогаш бил сложен, велат набљудувачите. При потпишувањето на воениот договор, двете земји инсистираа на изоставување на клаузулата за меѓусебна одбрана, што значи дека Москва нема законска обврска да му обезбеди воена помош на Иран. Русија, исто така, бавно испорачува голем број оружја што ги бара Техеран.
„И покрај повторените барања од иранската страна за разни видови оружје – системи за воздушна одбрана и борбени авиони – Русија сè уште не му испорачала ништо од ова на Иран“, рече Смагин.
Делумно поради нејзините акции во Украина и растечките врски со други регионални играчи, вклучително и Саудиска Арабија, Москва бавно му помага на Иран, дури и кога позицијата на Техеран ослабна по нападите врз неговиот клучен сојузник на Блискиот Исток, либанскиот Хезболах. Во меѓувреме, Кремљ во голема мерка ја намали својата зависност од иранската воена поддршка, стекнувајќи експертиза во масовното домашно производство на беспилотни летала.
Одредени експерти во Москва дури се обидоа да дадат позитивен пресврт на нападот на Израел врз Иран. За почеток, цените на нафтата се искачија на највисоко ниво за четири месеци – и се очекува да продолжат да растат – нудејќи ѝ на Москва многу потребен економски поттик во време кога падот на глобалните цени на енергијата се заканува да го намали нејзиниот воен буџет, се вели во извештајот. Конфликтот, исто така, го одвлече целосното внимание на Трамп од Украина, која тој едвај ја споменуваа во последните денови.
Руслан Пухов, директор на Центарот за анализа на стратегии и технологии, советодавно тело за одбрана со седиште во Москва, смета дела „Украина веројатно ќе претрпи најголема воена и политичка штета во оваа ситуација, освен самиот Иран, се разбира. Нова војна на Блискиот Исток не само што ќе го одвлече вниманието на светот од конфликтот во Украина, туку и, очигледно, ќе придонесе за евентуалното поместување на САД кон обезбедување воена помош на Израел.“

Лоша долгорочна слика за Русија
Иако ова може да понуди краткорочни добивки, долгорочната слика е многу понеизвесна за Русија, велат аналитичарите . Русија ризикува да изгуби клучен стратешки партнер – заедно со години политички и економски капитал – во удар што би можел сериозно да ги поткопа нејзините пошироки геополитички амбиции. Во текот на изминатите две години, Москва стана водечки странски инвеститор во Иран, вложувајќи милијарди во проекти за гас, енергија и инфраструктура – сите тие би можеле да бидат загрозени ако режимот во Техеран падне.
За разлика од некои други сојузници на Москва, како што е Белорусија, Русија има мала историска или културна сличност со Иран. Нивното партнерство е создадено помалку од традицијата, а повеќе од заедничкото непријателство кон Западот, како и од искуството од справувањето со животот под санкции.
„Ако овој режим падне, мислам дека ќе биде многу потешко за Русија да ги задржи своите средства и влијание во земјата“, вели Хана Ноте, експерт за руска надворешна политика со седиште во Берлин.
„Најлошото сценарио за Москва би бил Блискиот Исток доминиран од сојузниците на САД, и дека тоа би бил тежок удар за Русија“, наведуваат експертите.