Исто така, пад има и на цената на биткоинот. Во неделата навечер тој падна под 79 000 долари. Азиските берзи денеска бележат остар пад следејќи го глобалниот пад од минатата недела. Со тоа, како што пренесуваат светските агенции, се продлабочува глобалната берзанска криза предизвикана од воведувањето царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Јапонскиот Никеи падна за повеќе од девет отсто на почетокот на тргувањето на токиската берза. Тој индекс, кој вклучува 225 од највредните компании во земјата, падна на 30 792, првпат од октомври 2023 година, пишува „Гардијан“. Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба рече дека неговата влада ќе продолжи да бара од претседателот Трамп да ги намали царините за Јапонија, но призна дека резултатите нема да дојдат преку ноќ.
„Владата мора да ги преземе сите расположливи средства за да го ублажи економскиот удар на американските тарифи, како што е давање поддршка за финансирање на домашните компании и преземање мерки за заштита на работните места“,рече Ишиба во парламентот. Јужнокорејскиот индекс Коспи падна за повеќе од 4,8 отсто кратко по отворањето, а тргувањето беше запрено на пет минути кога беше активиран „прекинувачот“ за тргување дизајниран да спречи панично продавање. Тајванскиот Таиекс падна за повеќе од 9,7 отсто по отворањето. Тргувањето со акциите на две водечки извозни компании во Тајван, TSMC и Foxconn, беше прекинато на одредено време откако нивните цени паднаа за речиси 10 отсто. Австралискиот ASX 200 падна за 6,3 отсто во утринската тргување, а новозеландскиот NZX 50 загуби уште 3,5 отсто. Цените на акциите во Хонгконг и Кина, исто така, денеска остро паднаа – индексот Ханг Сенг во Хонгконг падна за осум отсто во почетокот на тргувањето, а и акциите на онлајн гигантите „Алибаба“ и „Тенсент“ паднаа за повеќе од осум отсто. Кинескиот индекс CSI300 падна за 4,5 отсто.
„Од Шангај и Токио до Сиднеј и Хонгконг, главните берзански индекси потонаа веднаш по отворањето. Ќе има крвопролевање“,пренесува Би-би-си изјава на еден аналитичар. Утринава и европските берзи се во пад веднаш по отворањето. „Гардијан“ пишува дека британската берза паднала длабоко во црвено на почетокот на тргувањето. Во Лондон, индексот FTSE 100 на акции со сини чипови падна за 488 поени, или шест отсто, со што индексот се спушти на 7 566 поени, што е најниско ниво од февруари 2024 година. „Секоја акција на FTSE 100 е во минус, при што британската производна фирма ’Ролс Ројс’ падна за 13 отсто“,пишува британскиот медиум. Во првите падови, се додава во написот, се и рударите, банките и инвестициските фирми. Германскиот DAX е во минус од 7,6 отсто, додека францускиот CAC 40 е во пад од 7 отсто.
Исто така, пад има и на цената на биткоинот. Во неделата навечер тој падна под 79 000 долари. Биткоинот се искачи над 100 000 долари кратко време откако Трамп беше избран со надеж дека ќе помогне да се зголеми поддршката за криптовалутите, пишува Си-ен-ен. Цената на водечката криптовалута обично се движи како цените на акциите на големите технолошки компании, а трговците често ја сметаат за водечки показател за расположението на пазарот, но минатата недела се движеше во спротивна насока од берзата – и покрај падот на берзите, цената на биткоинот се задржа стабилно помеѓу 82 и 83 илјади долари.