Шака бадеми, ореви или лешници, грст маслинки, по некој домат екстра во торба и неколку скапи овошки, се само дел од „пробните методи“, со кои дел од граѓаните ги оштетуваат пазарџиите. Има и такви што крадат по некое јајце, а многупати додека божем бараат да им се измери определено количество зеленчук или овошје, фаќаат магла со неколку домати или краставици без да платат. Сопствениците на тезги велат дека е најкритично во пазарните денови, кога е помасовна посетата на зелените пазари и додаваат дека со сета почит, постарите граѓани се побезобразни. Како куриозитети ги издвојуваат случаите кога им била украдена и цела лубеница! Поради тоа дел од пазарџиите се решија да определат цена за проба за да не се конфронтираат со купувачите. Според анкетата на Земјоделскиот информативен систем, дури 60 отсто од граѓаните се снабдуваат на зелените пазари.
– Како паѓа стандардот, особено на пензионерите, сè повеќе се земаат производи без да се платат. Некогаш и ние самите им нудиме да пробаат, но кога некој се враќа по неколкупати без да купи и само и само да проба, тоа е веќе претерано. Некои си вртат по тезгите и така си појадуваат, но најбезобразно е кога го коментираат квалитетот на плодовите. Најкритично е во пазарните денови, тогаш имаме најмногу муштерии, па не смееш да се свртиш, оти додека мериш, тие ја оставаат кесата и фаќаат џаде без да платат, а со полни џебови домати, пиперки, па дури и краставици. Пред една година ми се случи да ми украдат цела лубеница – додека мерев на друг муштерија, еден постар човек си ја нарамил и веќе излезе од пазарот – се жали еден трговец од Зелениот пазар. Според интерната анкета, најзагрозени се тезгаџиите што продаваат апетисани и суво овошје, но и оние кои нудат маслинки.
– Ова се скапи производи и ние ги набавуваме и за нив плаќаме, и ако секој втор божем пробува и тоа не еднаш и ги полни рацете со бадеми, ореви или маслинки, тогаш ни отиде дневниот пазар. Еднаш, двапати ќе премолчиш, ама кога некој се враќа по неколкупати, нервите ни се тенчат и реагираме, некогаш и на повисок тон – додава друг пазарџија. Според познавачите, тешко е да се извага дали намалениот стандард влијае и врз прометот на пазарите, но дел од пазарџиите оценуваат дека последниве години продаваат помалку зеленчук и овошје за околу 30 отсто. Последната информација од Групацијата за пазари при СКСМ покажува дека во Македонија постојат околу 15.000 до 20.000 закупци на тезги, што значи дека повеќе од 10.000 семејства живеат од тргувањето на зелените пазари. Во 2022 година, стапката на сиромашни лица во Македонија била 22,9 отсто, покажаа дефинитивните податоци за Лаекенските индикатори за сиромаштијата, кои ДЗС ги пресметал врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија. Она што загрижува е фактот дека и покрај тоа што имале работа, стапката на сиромашни вработени лица била 8,9 отсто, додека стапката на сиромашни пензионери била 9,9 отсто.