Судскиот процес за грабнувањето и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 75-годишниот велешанец Панче Жежовски, продолжи со читање на листата на сите материјални докази најдени на местата на злосторствата, како и подоцна одземените од крим техника. Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска наведе долга листа докази што ги поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски, за кого Основното јавно обвинителство (ОЈО) тврди дека им пукал в глава на Панче и на Вања на 22 и на 27 ноември 2023, и дека во злосторствата учествувале и обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев. Обвинителката читаше докази земени од пикавци од испушени цигари со ДНК и пластични шишиња, преку мушамата со која било завиткано телото на закопаниот Панче, потоа црната вреќа во која било ставено телото на убиеното дете, лопатата со која била копана дупката, до фискални сметки од гориво и земени мобилни телефони на жртвите и на обвинетите за вештачење.
Во ранецот на Палевски, уапсен во Турција, имало повеќе сим-картички и тие исто така се анализирани во доказната постапка. Претходно, Палевски побара изземање на обвинителката и на ОЈО Скопје, но и на судијата Ивица Стефановски поради, како што наведе, пристрасност. Тој предложи негови докази за пристрасност, а и за обид за дискредитација на сведокот Ерол Османи. По отклучувањето на „ајфонот 13“ на Палевски, најдени се повеќе пораки, а едната била до лицето Хусеин, неговиот домаќин во Турција: „Букирав авионска карта за Минск“. На први декември 2023, на вибер му пишува на лице Драган дека по 4 дена, на 5 декември, планира да стигне во Москва, па бара од него помош да го земе од аеродром. На 27 ноември 2023,, дента кога е убиена Вања, лице именувано „Геге шампион 2“ го прашува дали да поминат со лице Ферат на кафе, Палевски му одговара дека е уморен, цел ноќ не спиел. На рочиштето продолжува предлагањето материјални докази од Обвинителството. Во овој предмет е обвинет и е во куќен притвор и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари дека на обвинетите им дал податок кога точно ќерка му излегува наутро за на училиште. Според Обвинителството, мотив за кривичните дела е користољубие.