Детето беше во вреќата пред да го преместиме. Кога го положивме во гробот, Палевски ја извлече вреќата и ја фрли во колата на Панче. Можно е вреќата да ја држела крвта и да не дозволи да падне на местото каде што ја уби – рече Манев.
Второобвинетиот Велибор Манев денеска откри нови детали во врска со трагите по убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тој сведочи дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо го исчистил алатот со кој била закопана Вања за да не остави свои траги на него, а потоа Влатко Кешишив го исфрлил алатот од возилото во блискиот дол. Манев тврди дека перничето низ кое било пукано во Вања било ставено во возилото на Панче и запалено заедно со „цитроенот“. Манев постојано повторува дека не знаел точно колку е часот кога се случувале нештата затоа што немал телефон, ниту часовник со себе.
– Вечерта кога повторно дојдовте во канцеларијата, кажавте дека таа вечер сум ве однел на место на настан Дупки. Каде сте виделе лозја, импровизирани соби? Кога заминавме од канцеларијата во местото Дупки? – праша Палевски.
– Не знам точно време, бевме без телефони. Знам дека нѐ однесе да го видиме импровизираното место и се вративме во канцеларија, со намера да прилегнеме и да одмориме. Затоа и се успавме во првиот обид, во четвртокот. Тргнавме подоцна и не стигнавме ни до зградата – рече Манев и додаде дека не може да се сети дали за време на нивниот состанок во партијата доаѓале други членови, дали ѕвонел телефонот на Палевски или тој вртел некому.
– За ноќта после полноќ, не можам да се сетам. Мислам и дека кога нѐ однесе во местото Дупки, го остави и неговиот телефон во канцеларија. Дента го зеде телефонот, виде дека има пропуштени повици, не знам дали е разговарано – рече Манев. На тоа Палевски додаде дека во 12.10 часот разговарал со Миле, генерален секретар на партијата 1 минута и 40 секунди. Две минути подоцна разговарал со Ѓорѓи Џолев и со Стефан Димковски. Причината за овие разговори, според Палевски, била поднесена кривична пријава за Зоран Заев.
– Како е можно да се случи тој состанок со содржина која ја кажавте, а јас во тие 15 минути имам толку разговори? Како е можно? – праша Палевски.
– Тие разговори се правени можеби откако ние сме заминале во Велес. Не ја разбирам суштината на ова прашање. Не се сеќавам. Еве се потсетив, точно е дека разговараше со Миле. На полноќ кога дојдовме мислам дека беа присутни Плотников и Џолев. Потоа им рече на нив, ајде имаме работа. Тие заминаа, ние останавме и после 15 минути тргнавме кон Дупки – додаде Манев.