Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов смета дека проблемот со телефоните, дрогата и останати недозволени работи по затворите може да се реши, но само доколку има казнивост за корумпираните затворски полицајци, кои според негови проценки, во некои затвори се и над 50 проценти. – Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Се додека ги имаме нив и додека тие сметаат дека неказниво може да поминуваат, ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети, рече Пандов на денешната прес-конференција во Владата.
– Иимаме наследено исклучително корумпиран систем, но она што радува е дека има силна желба да се справиме со тој криминал, рече Пандов. Во однос на тоа дали е подобро да се стават блокатори како решение за мобилните телефни, Пандов рече дека проблемот е во тоа што денес најголем дел од затворите се опкружени со објекти и доколку се стават блокатори, ќе бидат блокирани и телефоните на граѓаните кои живеат или работат во овие објекти. – Во Хрватска нема блокатори и нема телефони. Мене ме уверуваат сите кои се долги години во затворскиот систем дека нема подобра работа од правење претреси, рече Пандов.