Состојбата на Папата Франциск останува критична, а како што соопшти Ватикан, тестовите на крвта покажале и знаци дека има благо откажување на бубрезите, кое засега е под контрола, пренесе „Би-би-си“. Лекарите додаваат дека папата немал дополнителни респираторни кризи од вчера вечерта. Тестовите на крвта на папата укажале на „почетна, блага бубрежна инсуфициенција, која моментално е под контрола“, соопшти Ватикан, додавајќи дека папата продолжува да биде „внимателен и добро ориентиран“. Франциск е во болница од 14 февруари.
Тој продолжува да добива кислородна поддршка, но денес учествувал на света миса од болницата. „Комплексноста на клиничката слика и неопходното чекање фармаколошките терапии да дадат одредени резултати, наведуваат на тоа прогнозата да остане резервирана“, соопшти Ватикан.