Папата Лав 14-ти вели дека технолошките компании што развиваат вештачка интелигенција треба да се придржуваат до „етички критериум“ што го почитува човечкото достоинство.
Вештачката интелигенција мора да ја земе предвид „благосостојбата на човечката личност не само материјално, туку и интелектуално и духовно“, рече папата во пораката испратена во петокот на собир за вештачката интелигенција на кој присуствуваа претставници на Ватикан и раководители на Силиконската долина.„Ниту една генерација досега немала толку брз пристап до количината на информации што сега се достапни преку вештачката интелигенција“, рече тој.
Папата изрази загриженост за влијанието на вештачката интелигенција врз „интелектуалниот и невролошкиот развој“ на децата, пишувајќи дека „благосостојбата на општеството зависи од тоа дали им е дадена можност да ги развијат своите дарови и способности дадени од Бога“.Оваа изјава од Папата дојде на вториот дел од дводневниот состанок за технолошките лидери во Рим, на кој се дискутираа општествените и етичките импликации на вештачката интелигенција. На втората годишна Римска конференција за вештачка интелигенција присуствуваа претставници од лидерите од водечките компании во оваа сфера.
Некои технолошки лидери се спротивставија на регулативите наменети да обезбедат одговорно користење на вештачката интелигенција, што, според нив, би можело да ги попречи иновациите и глобалната конкуренција.„Во некои случаи, вештачката интелигенција се користела на позитивен и навистина благороден начин за промовирање поголема еднаквост, но исто така постои можност за нејзина злоупотреба за себична добивка на сметка на другите, или уште полошо, за поттикнување конфликти и агресија“, рече Папата.
Иако нема никаква директна регулаторна моќ, Ватикан е сè погласен во врска со политиката за вештачката интелигенција, обидувајќи се да го искористи своето влијание за да се залага за етички технолошки развој.Во 2020 година, Ватикан беше домаќин на настан каде што технолошките лидери, регулаторите на ЕУ и покојниот папа Франциск дискутираа за „човечки ориентирана“ вештачка интелигенција, што резултираше со Римскиот повик за етика на вештачката интелигенција, документ во кој се наведени етичките размислувања за развој на алгоритми на вештачката интелигенција.
Две години подоцна, Франциск повика на меѓународен договор за регулирање на употребата на вештачка интелигенција и спречување на појава на „технолошка диктатура“. Во 2024 година, тој стана првиот папа кој учествуваше на самитот на Г7, поставувајќи ја етичката рамка за развој на вештачката интелигенција за која се надеваше дека ќе ги привлече големите технолошки компании и влади.