Американската престолнина во сабота ќе биде домаќин на голема воена парада по повод 250-годишнината од формирањето на американската армија. Настанот доаѓа во чувствителен момент, додека низ повеќе градови во САД беснеат насилни протести, што отвора прашања околу безбедноста и пораката што парадата ја испраќа во јавноста. Новинарот на Ал Џезира од Вашингтон, Ивица Пуљиќ, изјави дека многу Американци со нетрпение ја очекуваат парадата, која ќе вклучи голем број војници, воени авиони и хеликоптери. Настанот се поклопува и со роденденот на претседателот Доналд Трамп, кој според Пуљиќ, ќе добие симболичен подарок.
„Во сабота многубројни војници ќе дојдат во Вашингтон да маршираат, ќе има десетици авиони и хеликоптери. Падобранците ќе му донесат на Трамп големо знаме, нешто што досега не е видено во Америка“, рече Пуљиќ. Сепак, додека воените формации ќе парадираат низ Вашингтон, големи демонстрации се очекуваат и во главниот град и во други делови од земјата. Според Пуљиќ, протестите се организираат од групи кои често знаат да преминат во насилство, што дополнително ја зголемува напнатоста.
„Тоа се луѓе кои се претежно насилни, и полицијата мора да реагира и да ги спречи“, додаде тој. Во контекст на зголемената тензија, Пуљиќ истакна дека Трамп ја искористил ситуацијата за да покаже сила, мобилизирајќи илјадници припадници на армијата и Националната гарда.
„Трамп мобилизираше 700 припадници на маринците, како и 7.000 и дополнително уште 4.000 припадници на Националната гарда“, изјави тој. Последен пат американски војници беа распоредени на улиците во 1965 година, кога тогашниот претседател Линдон Б. Џонсон ја распореди Националната гарда во Алабама за да ги заштити демонстрантите за граѓански права.