Парламентарниот карван под мотото „Собранието за граѓаните, отворено и одговорно“ денеска со настан во Жена паркот во Скопје ја завршува обиколката низ општините во земјава. Како што соопштија од Собранието, завршниот настан во Скопје е уште една можност граѓаните да се запознаат од поблиску со работата на законодавната власт и да се сретнат со пратениците од своите општини.
Почнувајќи од 10 мај, годинешниот Парламентарен карван, обиколи девет општини во земјава: Ресен, Крушево, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Неготино, Тетово, Кичево и Куманово. Притоа, преку разни активности, беше испратена клучната порака на манифестацијата – дека Собранието како институција е одговорно пред граѓаните. Оваа активност на Собранието е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) за 2025 година, финансиски поддржана од Швајцарската Конфедерација, а спроведувана во соработка со НДИ, ЦУП и ИДСЦС.