Злоупотреба на дипломатијата за приватни и партиски интереси, нетранспарентност за финансиите и поставување на партиски наместо професионални кадри но и целосно непочитување на процедурите предвидени со Законот за надворешни работи. Ова се само дел од обвинувањата и препирките кои се провлекуваат години наназад во македонската дипломатија а се актуализираа повторно во домашната јавност особено по веста за наводни сомнежи за работата на дипломатската мисија на Македонија во Обединетите нации во Њујорк.
Имено, домашните медиумите деновиве објавија информација дека амбасадорот во постојната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во МНР поради финансиски малверзации – затајување материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР. На ова веднаш следеше реакција од Мисијата на РСМ при ООН каде во свое соопштение објавено до јавноста се наведе дека е „срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија“.
„Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го принудија привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“, се наведува во соопштението.
Несоодветните кадри ги поткопуваат државните позиции?
За познавачите на дипломатските состојби, најновите случувања во македонската дипломатија не се новина. Според нив жалосно е што ваквиот тренд на девалвирање на дипломатската функција продолжува бидејќи тој е погубен за државата, која на овој начин наместо подобро да се позиционира во заштита на националните интереси, се доведува во ситуација да си го руши својот меѓународен углед.
Благој Зашов, поранешен амбасадор на Македонија во Романија и дипломат од кариера во изјава за „Слободен печат“ појаснува дека за жал, македонската јавност последните години е сведок на еден вид дегенерација на дипломатијата бидејќи се напушти добро воспоставениот кариерен систем и се пристапи кон пополнување на амбасадорските и конзулските места со луѓе што немаат никакво знаење за она што значи надворешна политика.

Како што појаснува Зашов стана пракса дасе поставуваат партиски кадри наместо докажани професионалци и а новата Влада треба час поскоро да го напушти концептот на „политичка дипломатија“ и целосно да се премине кон професионална.
-Дипломатијата е како и секој друг занает се учи теоретски и практично. Најголем проблем во македонската дипломатија е што се поставуваат луѓе на видни позиции по партиска линија. Друг проблем е тоа што земјава од за мене нејасни причини става млади неискусни луѓе за амбасадори или конзули кои не се копентенти а уште помалку го заслужуваат местото. Дипломатот треба да биде кариерен и да не подлежи на партиско влијание. Накратко кажано ерозија на македонската дипломатија започна кога дипломатите сфатија дека не може да напредуваат ако не се поддржани од некоја политичка партија дома – заклучува Зашов.
Правејќи паралела на дипломатијата сега и изминативе 20 години, Зашов дообјаснува дека период од 1990-тите години може да се оцени како успешен во промовирањето на Македонија со оглед на тоа што во тој период беа испраќани професионалци за разлика од сега. Со сличен став е и универзитетски професор и поранешен амбасадор на Македонија во Вашингтон Васко Наумовски, кој, коментирајќи генерално за државниот систем, а не само за дипломатијата, вели дека потребен ни е широк национален консензус за надворешно-политичките приоритети, односно усогласување на партиите за тоа во која насока треба да се движи нашата дипломатија.

– Професионализацијата на дипломатијата треба да започне од професионализацијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и заштита на процесите од дневно-политички влијанија. Проблемот е што, за разлика од голем дел професионалци во оваа институција, постојат предизвици поврзани со кадри кои сакаат да се претстават како професионални дипломати само заради тоа што се вработиле во МНРНТ, без притоа да имаат соодветно искуство во областите поврзани со дипломатијата – вели Наумовски.
Како што појаснува Наумовски успехот на дипломатите на произлегува од нивното формално вработување во МНРНТ, туку од знаењето, искуството и вештините, кои можат да се стекнат во, но и вон оваа институција.
– Доколку во ДКП се испраќаат поединци надвор од МНРНТ, тие треба да поседуваат соодветна експертиза, но истото важи и за тие што се испраќаат од самата институција – оценува Наумовски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции дополнува дека сепак постои решение за излез од сегашната состојба на македонската дипломатија а тој тоа го гледа во национален надпартиски консензус кој ќе ги штити важните државни позиции.
– Потребен ни е широк национален консензус за надворешно-политичките приоритети, односно усогласување на партиите за тоа во која насока треба да се движи нашата дипломатија. После тој чекор, нема да постои ривалство меѓу партиите за дипломатските места, затоа што целта ќе биде иста, а на имплементација на приоритетите ќе работат оние со најголемо искуство и знаење, без разлика на нивните лични идеолошки определби – заклучува Наумовски.
Проблемот со дипломатијата се провлекува од минатото
Инаку во македонската јавност се уште се свежи сеќавањата за поранешната ТВ презентерка Бесмира Ејупи, кога за првпат јавноста ја брануваше пред две години кога се дозна дека таа, претходно позната како презентерка на една телевизија, всушност е вработена во МНР и дека поранешниот министер за надворешни Бујар Османи ја назначил за конзул во Њујорк.
Деновиве во јавноста повторно таа беше предмет на реакции откако по одлука на МНР Ејупи стана дипломат во конзулатот во Бон, Германија. Дел од медиумите повикувајќи се на дипломатски извори пренесуваат дека поранешниот министер Османи издал и наредба да ѝ биде изготвен дипломатски пасош и да замине во Германија како испомош на персоналот во македонската амбасада во летните месеци за издавање на пасоши на македонските граѓани во таа земја.