Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера најави дека ќе побара лидерска средба на најголемите партии во Собранието. Според коалицијата „ВРЕДИ“, тој нема кредибилитет да повикува на лидерска средба бидејќи, како што велат оттаму, потврдил дека има намера да ја политизира колективната трагедија. „После најавите од СДСМ дека ќе бараат анкетна комисија за Кочани, што очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.
Доволна им е координацијата со ДУИ“, велат од коалицијата „ВРЕДИ“. Од ЗНАМ велат дека ќе се изјаснат дали ќе учествуваат на лидерската средба откако ќе ја добијат иницијативата што вчера ја најави Филипче, а на сличен став е и опозициската Левица, од каде велат дека ќе се произнесат за потенцијалното учество на лидерската средба откако ќе го дознаат нејзиниот формат и план. Од ДУИ, пак, даваат приоритет на формирањето на парламентарната комисија за трагедијата во Кочани, а дури потоа, како што велат, може да се размислува за други чекори.