Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами од Тетово денеска информираше дека во текот на неделата партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ ќе именуваат вкупно 23 свои претставници за претседателство кое ќе се формира за новата партија со истото коалициско име. Тоа претседателство ќе формира и статут, според кој ќе се избира претседател и партиски тела.
– Треба да имаме еден заеднички орган кој ќе одлучува понатаму, статутарна комисија која ќе ги определи сите прашања, како се избира претседателот, органот на раководење со партијата, кои ќе бидат тие, механизми за контрола и за балансирање затоа што се работи за повеќе субјекти кои треба во еден природен процес да станат еден субјект. Прво што е важно веќе е донесена одлуката да имаме заедничко претседателство која ќе ги определи понатамошни чекори кон соединување. По закон треба да заврши целиот овој процес, со заеднички конгрес и формална одлука за запишување во Централен регистар, изјави денес Биљал Касами. Според Касами, коалицијата има добиено 107 илјади гласови и претставува репрезентативен претставник на гласовите кај Албанците.