Од следната недела ќе организираме состанок со ограноците со нашата партија за да ја чуеме нивната порака, што мисли избирачот, не само членот, затоа што од членовите добиваме рефлексија тука, но ни е важно и мислењето на избирачите, затоа што без разлика како ќе одлучиме, каква и да е поделбата што ќе ја направиме, на крајот гласачот треба да ја оцени, да ја почитува и да биде мотивиран да излезе и да гласа за таа опција која ќе ја избере АА, изјави Арбен Таравари по денешното Собрание на партијата. На седницата се разгледала понудата на партнерите од ВЛЕН, кои му понудиле на Таравари 35 отсто од општините.
-Тие ни ја дадоа оваа понуда преку пратениците, не знаеме како тие ја поделиле меѓу себе, ќе видиме како е поделбата, што ќе добие Беса, ДД, Алтернатива, ова е многу важно за нас, исто така и ние ќе имаме наши две понуди, сметам дека преговорите мора да продолжат и да дадеме максимум до крај ако можеме да постигнеме заеднички договор за излез на избори како ВЛЕН. Понудите ги подготвува специјалната група што ќе ја назначи раководниот совет на партијата, ќе имаме две опции, за ВЛЕН двe можни опции ако не постигнеме договор, АA ќе излезе сам на листата на советници како втора опција, додека за градоначалниците ќе видиме каде имаме интерес со ВЛЕН, каде имаме друга партија, каде ќе бараме можеби поддршка од некој друг, но за листите на советници ако не излеземе заедно со ВЛЕН, тогаш листите ќе бидат наши – изјави Таравари. Откако ги симна преговорите од лидерско ниво на ниво на пратеници, синоќа по состаноците и обединувањето на ставовите со самите лидери, Изет Меџити, Биљал Касами, Зеќирија Ибрахими и Бесим Ќоку како независен пратеник во ВЛЕН му ја дадоа последната понуда на Таравари.
Според Ќоку, лидерите на ВЛЕН понудиле 35 отсто од општините за учество на локалните избори, при што прецизирале дека над оваа понуда нема повеќе преговори. Овој последен обид, според Ќоку, бил за да се зачува единството во рамките на ВЛЕН. Предлогот е трите партии да имаат по три сигурни општини за кандидатури и четвртата потенцијално, додека АА на Таравари да има 4 сигурни и петата потенцијално, како и да ја привилегира со две урбани општини, кои реално се освојуваат. Препорачаните општини за Алијансата за Албанците на Таравари се: Гостивар, Струга, Врапчиште, една од општините Липково, Харачино или Студеничан и една од општините Бервеница или Чашка. Истовремено, трите партии на ВЛЕН се согласија дека каде што е кандидат на една партија, таа да има и 40 отсто од листата, додека остатокот од локалната власт да се распределува така што и другите партии да бидат вклучени (со претседавач на Советот на Општина, секретар на општина, директори на претпријатија итн.).