Во рамки на Српското претседавање со Иницијативата за Централноевропска соработка (ЦЕИ), заменик-претседателката на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија на Собранието на Република Северна Македонија, Арбана Пашоли, учествува на Состанокот на претседателите на комисиите за надворешни работи на парламентите на земјите членки на парламентарната димензија на ЦЕИ.
Состанокот, кој се одржува на 20 и 21 мај 2025 година во Народното собрание на Република Србија, беше свечено отворен од страна на потпретседателката на Народното собрание и претседателка на Комисијата за надворешни работи, Марина Рагуш. Обраќања имаа и Франко дал Мас, генерален секретар на Централноевропската иницијатива, како и Зоран Јовановиќ, заменик-национален координатор на Република Србија за ЦЕИ. Тие се осврнаа на значењето на регионалната соработка и улогата на националните парламенти во унапредувањето на заедничките цели во рамките на Иницијативата.
Целта на состанокот е зајакнување на заедничките напори на земјите членки за унапредување на европската перспектива преку координирани активности и заеднички пораки упатени кон институциите на Европската Унија. Во своето обраќање, Пашоли ја нагласи улогата на Парламентите како важна алка во градењето доверба, отпорност и интеграција во регионот. Таа истакна дека состанокот претставува добра можност за отворена и конструктивна размена на ставови, при што парламентите играат клучна улога во поддршката на надворешната политика, добрососедските односи и европските реформи. Посочувајќи на актуелните предизвици за европската стабилност, Пашоли подвлече дека парламентарната соработка мора да биде подинамична и пофокусирана. Таа ја потврди цврстата посветеност на Северна Македонија на патот кон Европската Унија и додаде дека преку ЦЕИ и слични иницијативи, земјите од Регионот имаат реална можност за заеднички напредок.
Пашоли ја поддржа иницијативата за усвојување на заедничка изјава од состанокот, која ќе ја рефлектира заедничката волја за европска интеграција и ќе го нагласи значењето на парламентарната димензија како двигател на процесот. Таа истакна дека европската иднина не се гради поединечно, туку преку заемна поддршка, координација и регионална солидарност. На состанокот учествуваат високи парламентарни претставници од земјите членки на ЦЕИ, кои заеднички дискутираат за унапредување на регионалната соработка и зајакнување на заедничките пораки кон Европската Унија. Во рамки на своето учество, Пашоли оствари средба со голем број колеги и со амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Србија, Никола Тупанчески.