Прашан за реториката на неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова за случувањата во 2001-вата година, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски рече дека е запрепастен.„Рамковниот договор, особено во делот кој ги регулира односите меѓу етничките заедници, вели е надминат, времето го надмина. Можеби тогаш бил потребен, не принудија да го потпишеме, тоа треба да се смени и на сосема нови основи да ги поставиме односите меѓу заедниците. Тоа е неодговорно. Тоа е политичко опасно“, потенцираше Пендаровски.
Во оваа насока, тој додаде дека освен за Рамковниот договор за кој била против уште во 2001 година, Силјановска е и против Преспанскиот договор, европската преговарачка рамка, односно е против сите важни, државотворни акти и документи.
„Не можам да поверувам дека противкандидатката нема конзистентен став за ниту едно од важните прашања кои се прво, надлежност на претседателот – утре ако добие доверба, ќе бидат нејзина надлежност, за тоа ќе прима плата, за тоа евентуално би била избрана. И не можам да разберам како замислува со ревизија на старите договори ќе одиме напред“, истакна вечерва Пендаровски во интервјуто за Алсат.