СДСМ, партијата чиј пратеник бевте во парламентот и кандидат за претседател, барем според анкетите, никако да излезе од катастрофата која и се случи на парламентарните избори. Гледате ли сценарио во кое оваа партија може да израсне во посериозна опозиција на владата, особено што предвидувањата и за локалните избори не се сјајни?
Поразот на СДСМ минатата година беше без преседан, најтежок во историјата. СДСМ никогаш во својата историја не паднал на 154 илјади гласови. Од тој аспект, сите очекувања се дека тоа не може да се врати на некогашните бројки за шест месеци или една година. Јас дури и не мислам дека локалните избори во октомври се доволно брз период, со работа 24/7, дури и во идеални услови, дека може да се врати партијата на тоа што била некогаш. На претходните локални избори СДСМ беше на околу 260 илјади гласови, тоа е прилично голем пад. А од тие избори во 2021 година, до парламентарните лани, СДСМ изгуби уште 30-40% од својот електорат. Во меѓувреме се направија уште една-две други наменски политички партии кои земаа уште еден дел од гласачкото тело на СДСМ. Јас би почекал уште една година после локалните за да видиме дали таа партија ќе може да се врати на старите патеки. Значи, да го обнови своето членство со нови, свежи политики и со чисто оградување за она што не чинеше и заради што ги изгубија изборите, а и јас како дел од целата таа структура.
Добро би било за демократијата во Македонија, и за нејзините европски перспективи, СДСМ да се обнови, кадровски, програмски, политички уште повеќе, и за некој релативно кус временски период од сега да биде сериозна алтернатива на ова што се случува.
Според мене, сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема адекватен кадровски потенцијал, нема ни минимум добар политички менаџмент внатре меѓу ресорите и, што е најважно и најпогубно за нас, нема практично никаква содржина на клучните магистрални правци по кои треба да се движи оваа држава. Зборувам за надворешна политика, за одбрана, за безбедност, а пред сѐ за економијата во која сега сведочиме дека со овие два големи заеми покажуваат дека немаат економски концепт за развој на Македонија.